Раководството и докторите од Општата болница Велес ги претставија новите три инструменти набавени годинава. Со нив, пациентите од регионот треба да добиваат поквалитетни здравствени услуги.
„Новата опрема e од исклучителна важност, посебно во дијагностицирањето и превенцијата на одредени заболувања. Дел од неа се користи и за третман на пациентите. Со нивната набавка, пред сѐ, жителите од Велешко ќе имаат пристап до нови современи апарати, а во интерес на нивното здравје“, кажа Александар Бузалков, директор на ЈЗУ Општа болница Велес.
На нервното одделение се набавени ЕКГ и перфузер, на Рендген одделението набавени се дигитален рендген апарат и дексаскен-дензинометар, како и ултразвучен ехо-апарат на Интерното одделение. Наскоро ќе биде ставена во функција новата опрема на Очното одделение, каде ќе се применува фако методата за операција на катаракта.
„Вкупните вложувања во новите апарати се околу 24,5 милиони денари, дел од сопствени средства на болницата, дел од Министерството за здравство и Фондот за здравство. Со овие нови апарати ќе се зголеми квалитетот на здравствените услуги, не само за жителите на Велес, туку и од поширокиот регион. Операциите со новите инструменти на офталмологија ќе ги извршуваат двајца врвни доктори од Скопје. Со ова ќе се намали притисокот во скопските болници и клиники“, рече Јовица Андовски, заменик-министер за здравство.
„Добивме апарат дензинометар, за мерење коскена густина, за разграничување помеѓу нормален наод, остеопенија и остеопороза. Важен е за да се почне со навремена терапија. Прегледите ќе се прават преку ‘Мој термин‘“, изјави д-р Елена Ќулумова, началничка на Интерно одделение.
На прашањето како Велешката болница се справува со недостатокот на доктори-специјалисти на одредени одделенија, директорот Бузалков рече дека тие се ангажираат од клиниките во Скопје.
„Имаме 28 специјализанти од сите области. Тие се во различна фаза на специјализација, очекувам до крајот на годинава двајца да станат специјалисти, следната повеќе. Така што, за скоро време ќе се екипираме“, одговори Бузалков.
Дополни дека работат со Министерството за здравство и Министерството за финансии да добијат одобрение за вработување медицински сестри, болничари, физиотерапевти и лаборанти.
П. ПЕЧКОВ



