Се работи на проект за прибирање на атмосферските води кои се слеваат кај патот во Теферич и предизвикуваат негово пропаѓање и свлекување. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вели дека за ова прашање заедно со градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, разговарале и со премиерот Христијан Мицкоски.
„Патот за Теферич е изграден пред дваесетина години на позиција каде што имало депонија, без притоа соодветно да се постапи и да се истретира тоа место. Тоа е едниот проблем. Вториот проблем е што треба да се реши атмосферската канализација таму. Цел проблем го прави водата која доаѓа од Водно. На тој потег во десетици наврати наназад е реагирано и е крпен, но прашање на време е кога повторно ќе пропадне. Во моментов се работи на проект што првенствено ќе биде за решавање на атмосферските води, второ ќе биде стабилизација на целиот терен таму“, вели Ѓорѓиевски.
- ОПАСНО СВЛЕЧИШТЕ СТАНА РАСПУКАНИОТ ПАТ ВО ТЕФЕРИЧ, ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА ВЕЛИ СЕ ПРАВАТ СТРУЧНИ ПРОЦЕНКИ ЗА ТРАЈНО РЕШЕНИЕ
- ПАК РАСПУКА ПАТОТ КОН ТЕФЕРИЧ, САМО ПЕТ МЕСЕЦИ ОТКАКО ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА СТАВИ НОВ АСФАЛТ
-
Во февруари пак распука патот во Теферич, само пет месеци откако беше реконструиран и беше поставен нов асфалт. Патот сега е свлечиште и постои опасност целосно да се излизга и падне. Создадена е огромна дупка, која од ден на ден станува поголема и патот пропаѓа надолу. Свлечиштето се наоѓа на 200 метри воздушна линија, односно на околу 85 метри висинска разлика над Домот за лекување зависности во Кисела Вода.
А. АНТЕВСКА



