Претседателот на САД Доналд Трамп предупреди дека иранските бродови што ќе се приближат до американската блокада на иранските пристаништа ќе бидат елиминирани. Во објава на Трут соушал, Трамп рече дека за време на нападите врз Иран, САД не ги погодиле, како што ги нарече, „брзите бродови за напад“ на Иран.
„Доколку некој од овие бродови се приближи до нашата БЛОКАДА, тие веднаш ќе бидат ЕЛИМИНИРАНИ“, рече тој.
Американската војска рече дека ќе ги блокира сите ирански пристаништа за да изврши притисок врз Техеран да се согласи да го отвори клучниот Ормуски Теснец и да прифати мировен договор. Иран одговори со закани кон сите пристаништа на американските сојузници во Персискиот Залив и Оманскиот Залив. Судирот содржи сериозни ризици за глобалната економија и го зголемува стравот дека би можел да пропадне прекинот на огнот што моментално е во сила.
Не беше јасно дали блокадата започнала во одредениот термин во 16 часот по средноевропско време. Неколку минути претходно, во известувањето до пловилата издадено од Агенцијата за поморски трговски операции на Обединетото Кралство, која ја следи поморската безбедност, се вели дека ограничувањата ја опфаќаат „целосната иранска крајбрежна линија, вклучувајќи ги пристаништата и енергетската инфраструктура“. Во известувањето се додава дека транзитот низ теснецот „до или од неирански дестинации не е попречен од овие мерки“, но се додава дека бродовите „може да се соочат со воено присуство“ во теснецот.
Американската војска кажа дека ќе се блокира Оманскиот Залив и Арапското Море источно од Ормускиот Теснец и оти ќе се однесува на целиот сообраќај на бродови без оглед на знамето, соопшти Централната команда на САД во претходна нота до пловилата.
„Секој брод што влегува или излегува од блокираната област без овластување е предмет на пресретнување, пренасочување и заробување“, се вели во нотата. „Блокадата нема да го попречи неутралниот транзитен премин низ Ормускиот Теснец до или од неирански дестинации“.
Во нотата до пловилата се вели дека неутралниот брод сè уште може да биде предмет на претрес за да се утврди присуството на шверцуван товар, додавајќи дека хуманитарните пратки, вклучувајќи храна, медицински материјали и други основни стоки, исто така ќе бидат дозволени под услов на инспекција.
Сојузниците на САД во НАТО денеска изјавија дека нема да се вклучат во планот на претседателот Доналд Трамп за блокада на Ормускиот Теснец, дополнително зголемувајќи ги тензиите во рамките на сè покревката алијанса. Трамп рече дека американската војска ќе соработува со други земји за да го блокира целиот поморски сообраќај во овој поморски пат, откако реговорите викендот не успеаја да постигнат договор за прекин на шестнеделниот конфликт со Иран.
Но, сојузниците на НАТО, вклучувајќи ги Велика Британија и Франција, изјавија дека нема да бидат вовлечени во конфликтот со учество во блокадата, велејќи дека наместо тоа од витално значење е да се отвори поморскиот пат низ кој обично поминува една петтина од светската нафта, кој Иран ефикасно го затвори откако започна конфликтот на 28 февруари. Нивното одбивање да учествуваат е уште една точка на несогласување со Трамп, кој се закани дека ќе се повлече од воениот сојуз и размислува за повлекување на дел од американските трупи од Европа откако неколку земји се спротивставија на поддршката на американската кампања против Иран, негирајќи им на американските воени авиони да го користат нивниот воздушен простор.



