СТОПАНСКАТА КОМОРА МАТТО ЌЕ КУПИ ПРОЕКТОР ЗА СКОПСКОТО КИНО МИЛЕНИУМ И ЌЕ СЕ ОТВОРИ ВО СЕПТЕМВРИ, РЕЧЕ ЃОРЃИЕВСКИ

    СТОПАНСКАТА КОМОРА МАТТО ЌЕ КУПИ ПРОЕКТОР ЗА СКОПСКОТО КИНО МИЛЕНИУМ И ЌЕ СЕ ОТВОРИ ВО СЕПТЕМВРИ, РЕЧЕ ЃОРЃИЕВСКИКиното е во мрак цела година, а билетарата е со валкани стакла. (Фото: К. Попов)

    Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО) ќе обезбеди проектор за киното Милениум во Скопје и се надевам дека до септември ќе биде ставена во функција, кажа денеска градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

    ​Киното во скопскиот Градски трговски центар (ГТЦ) е затворено и во мрак од 2 април 2025, кога на  својата фејсбук страна објави дека поради технички причини нема да прикажува проекции во следниот период. Во Скопје кинопроекции има само во кината Синеплекс и Киноверзум, како и во Кинотеката на Македонија.

    Дигиталниот ДЦП проектор беше купен во 2012, а престана да работи уште во 2023.

    „Морам да истакнам дека општествено одговорни компании сериозно ни помагаат изминатиов период. Преку МАТТО исто ни се обезбедува проектор за градското кино. Јас бев во минатото четири години градоначалник на Oпштина Кисела Вода во којашто две кина оставив зад себе. Таму отворивме кино и во урбаниот дел во Кисела Вода, но и во Драчево, и логично е за еден голем град како нашиот град, каде што младите треба да ги насочиме повеќе кон културата, да им овозможиме пристап, евтини карти, евтини услуги, но да имаат свое градско кино. Се надевам дека до септември ќе биде ставено во функција. И тоа мислам дека е добар рок ако земеме предвид дека со години наназад не функционираше. Знаете дека таму и дрва имаше никнато зад сцената и имаше девијантни појави со години наназад, но еве полека ги решаваме“, рече Ѓорѓиевски на настан за Скопје – Европска престолнина на културата 2028.

    Од Град Скопје минатата недела ни рекоа дека се преземаат конкретни активности за повторно ставање во функција и дека во моментов се врши проценка на постојната состојба со цел да се утврдат приоритетите за понатамошна реконструкција.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира