Најдоцна до јуни ќе се пушти железничка линија Прилеп-Битола-Жабени со повратна карта од 150 денари, за да можат патниците на оваа релација да се движат побрзо и да стигнуваат навреме, најави министерот за транспорт и врски Александар Николоски на денешната средба во Битола со Регионлните комори од двата града. Ваквото решение се предлага зашто во тек е изградба на автопат Прилеп-Битола и патувањето низ 40 километри пат се одвива отежнато и со застои.
Дел од сообраќајот сега минува и по стариот регионален пат, па патувањето трае понекогаш по час и повеќе што создава метеж и нервози.
Николоски рече дека доаѓа од увид на патот и дека работите се одвиваат одлично, но оти се свесни дека во овој момент отежната е комуникацијата меѓу двата града.
„Затоа, работиме со Македонски железници-Инфраструктура и транспорт најдоцна до јуни да пуштиме меѓуградски воз кој би оперирал на линија Прилеп-Битола-Жабени. Оние кои имаат дневна потреба за патување меѓу овие два града, а и оние кои работат во индустриската зона Жабени, да го користат возот. Ќе одиме со промотивна цена за повратна карта од 150 денари, што е најевтино што може да се најде на пазарот имајќи предвид дека паркинг некој би платил повеќе, да не зборуваме за бензин за возило“, рече Николоски.
Тој додаде дека добил ветување од изведувачите оти следната пролет ќе може да се вози по првите километри автопат на потегот од Прилеп-Битола, а целиот автопат да се заврши пред рокот, односно во пролетта 2029.
Рече и дека до јуни или јули ќе излезат со конечно решение за продолжување со работата на патот после тунелите кај Фариш.
„Сега треба да го завршиме делот од Фариш за Прилеп, односно да го решиме Плетвар и до Битола да имаме целосно решение“, рече Николоски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



