ЗАПОЧНА ПРИМИРЈЕТО ПОМЕЃУ ИЗРАЕЛ И ЛИБАН, ТРАМП НАЈАВИ НОВА СРЕДБА САД-ИРАН И ПОТПИШУВАЊЕ МИРОВЕН ДОГОВОР

    ЗАПОЧНА ПРИМИРЈЕТО ПОМЕЃУ ИЗРАЕЛ И ЛИБАН, ТРАМП НАЈАВИ НОВА СРЕДБА САД-ИРАН И ПОТПИШУВАЊЕ МИРОВЕН ДОГОВОРТрамп го повика Хезболах да го почитува прекинот на огнот и проиранската група најави дека ќе се придружува до него (Фото: ДПА)

    Во сила стапи десетдневното примирје помеѓу Израел и Либан, додека Доналд Трамп го повика Хезболах да го почитува и најави дека наскоро ќе се склучи договор за целосен крај на војната со Иран. Трамп кажа дека следната средба помеѓу САД и Иран би можела да се одржи овој викенд и дека е можно продолжување на првичното двонеделно примирје.

    Ќе видиме што ќе се случи. Но, мислам дека сме многу блиску до договор со Иран. Ако се склучи и потпише договор во Исламабад, можеби ќе отпатувам таму по тој повод“, кажа Трамп пред Белата куќа.

    Неколку часа подоцна во Лас Вегас, тој најави дека војната ќе заврши доста брзо.

    Пакистански извор вклучен во посредувањето помеѓу САД и Иран изјави дека има напредок во дипломатијата и дека претстојниот состанок помеѓу двете страни би можел да резултира со потпишување договор.

    „Двете страни прво ќе потпишат меморандум за разбирање, а потоа и сеопфатен договор во рок од 60 дена. Детален договор ќе биде постигнат подоцна. Двете страни се согласуваат во принцип. Техничките делови ќе дојдат подоцна“, рече изворот за „Ројтерс“.

    Тој додаде дека клучниот пакистански посредник, началникот на армијата Асим Мунир, водел разговори во Техеран од средата и постигнал напредок во врска со „нејасните прашања“.

    Иранските нуклеарни амбиции беа главна пречка на разговорите во Исламабад минатиот викенд, каде што САД предложиле 20-годишно суспендирање на сите нуклеарни активности, додека Техеран предложил пауза од три до пет години. Трамп вчера изјави дека Иран понудил да не поседува нуклеарно оружје повеќе од 20 години.

    Ситуацијата навидум се смирува и во Либан. Трамп рече дека разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот либански колега Џозеф Аун и планирал да ги покани во Белата куќа на „значајни разговори“, што би можеле да се случат во текот на следната недела или две. Иран инсистираше дека секој мировен договор треба да го опфати и Либан. Трамп го повика Хезболах да го почитува прекинот на огнот и проиранската група најави дека ќе се придружува до него.

    „Се надевам дека Хезболах ќе се однесува добро во овој важен период. Ќе биде одличен момент за нив ако го сторат тоа. Крај на убивањето. Конечно мора да има мир“, рече Трамп.

    Примирјето е суштинско и итно потребно и го бараат сите, изјави висок функционер на Хезболах, Билал Лакис, но нагласи дека групата нема да го прифати барањето на Израел да се разоружа, „освен во рамка поврзана со поширока визија за национална безбедност“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира