Царинската управа соопшти дека е откриена шема во која скопска мобилара – увозник на мобилни телефони, со помош на други лица, ги заменил запленетите оригинални „Епл“ часовници со евтини копии, а оригиналите ги пуштил во продажба. Против шест физички и две правни лица е поднесена кривична пријава за криумчарење, прикривање стока и злоупотреба на службената положба.
Инспекторите ги пронашле оригиналните часовници вредни 570 илјади денари при претрес во самиот продажен салон на скопската мобилара. Случајот почнал на Меѓународниот аеродром Скопје кога мобилен царински тим, при детална контрола на пратка од Дубаи, открил 20 паметни часовници сокриени во пакети кои биле декларирани како таблети. Уредите не биле наведени во увозната документација, поради што биле привремено одземени и заклучени во безбедносен сеф до натамошна наредба од обвинителството.
Истрагата утврдила дека лица кои имале пристап до сефот уште истиот ден го отклучиле и ги замениле оригиналите со копии, а вистинските уреди му ги вратиле на увозникот. Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги спроведе темелна проверка и форензика на доказите, по што по налог на јавен обвинител беше извршен претрес во мобиларата каде се најдени предметните часовници.



