Почина Лилјана Алтипармакова, долгогодишна новинарка и уредничка во Македонската радио-телевизија, објави семејството на Фејсбук.
Алтипармакова го поминала целиот работен век во МРТВ како спикерка, новинарка и уредничка, останувајќи едно од препознатливите имиња и лица на оваа медиумска куќа. Како новинарка во МТВ 1, таа посветено покриваше теми од внатрешната политика и економијата.
„Во својата кариера, Алтипармакова остави силен професионален белег, препознатлива по својата посветеност, одговорност и високите новинарски стандарди. Нејзиниот придонес во јавниот сервис и во информирањето на граѓаните ќе остане трајна вредност“, рече Здружението на новинарите (ЗНМ) по повод нејзината смрт.
Погребот ќе се одржи на 22 април од 11:30 часот на гробиштата Бутел во Скопје.



