ВЕЛЕШКО СО ОПФАТ ОД 97 ОТСТО Е ЛИДЕР ВО ВАКЦИНАЦИЈАТА НА ДЕЦА ПРОТИВ ХПВ

    ВЕЛЕШКО СО ОПФАТ ОД 97 ОТСТО Е ЛИДЕР ВО ВАКЦИНАЦИЈАТА НА ДЕЦА ПРОТИВ ХПВОд лани вакцината е задолжителна и за машките деца. (Фото: СДК.МК)

    Огромен е интересот за вакцинација против ХПВ (хуман папилома вирус) во Велешко. Процентот стигна до 97 отсто, со што поширокиот Велешки Регион, заедно со Градско и Чашка, е лидер во земјава. Опфатот со оваа вакцина во Македонија е околу 55 отсто. Ја примаат деца на возраст од 12 години, годинава сите што се родени во 2013. Од лани, вакцината е задолжителна и за машките деца.

    „Зад овој одѕив имаше макотрпна работа со едукација на родителите. Во секое училиште испративме научно поткрепен текст зошто децата треба да се вакцинираат. Потоа истите се доставени до секој родител. Ако во првите години од воведувањето на оваа вакцина мајките оставаа ќерките сами да одлучат кога ќе стигнат до полнолетството дали ќе ја примат, сега состојбата е различна“, велат од Службата за школска превентива при Здравстен дом Велес.

    Тие оваа седмица во рамките на теренската вакцинација од Европската недела на имунизација го посетиле училиштето во Горно Јаболчиште, каде од 73 деца, 72 биле вакцинирани против ХПВ. Оваа вакцина се прима до 18 години и е бесплатна.

    Од Службата за школска превентива потврдуваат дека доаѓаат девојки и повозрасни од 12-годишна возраст, но потенцираат дека може бесплатно да се аплицира до денот на наполнување на 18 години.

    Хуман папилома вирусот е најчеста сексуално пренослива инфекција која може да предизвика рак на грлото од матката, вагината, анусот и пенисот. Сексуалната активност е главен начин за пренос на ХПВ, но контактот со заразена кожа или слузница исто така може да биде ризик.

    Во оваа Европска недела на имунизација се вршела вакцинација на деца од училишна возраст кои не биле вакцинирани и со прва и со втора доза од поливалентните вакцини. Така лани, од 556 деца кои во Велешко се запишаа во прво одделение, само пет не ја примиле МРП (сипаници, заушки, рубеола) вакцината. На училишна возраст, децата од Велешко се со висок опфат со над 90 отсто.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира