СО 40 КАМЕРИ ОД „БЕЗБЕДЕН ГРАД“ ВО ОХРИД И СТРУГА ЌЕ СЕ КАЗНУВА ОД ПОЧЕТОКОТ НА ТУРИСТИЧКАТА СЕЗОНА

    СО 40 КАМЕРИ ОД „БЕЗБЕДЕН ГРАД“ ВО ОХРИД И СТРУГА ЌЕ СЕ КАЗНУВА ОД ПОЧЕТОКОТ НА ТУРИСТИЧКАТА СЕЗОНАВо моментов, системот се наоѓа во фаза на техничко тестирање и прекршоците не се санкционираат. (Фото: СДК.МК)

    Во Охрид и Струга започна поставувањето на вкупно 40 сообраќајни камери кои се дел од системот „Безбеден град“ за намалување на прекршоците и зголемување на безбедноста во сообраќајот. Камери се поставени на кружните текови на двата влеза и во центарот на Охрид. Претходно четири камери беа инсталирани на патниот правец Охрид-Кичево, во близина на селата Горенци и Требеништа, како и кај Ботун и Ново Село во Општина Дебрца.

    Целосната примена и функционирање се очекува да почне пред туристичката сезона. Во моментов, системот се наоѓа во фаза на техничко тестирање и прекршоците не се санкционираат.

    „Сé до тој момент, додека не се вклучат целосно овие камери на ‘Безбеден град’, полициските службеници од сообраќајната полиција вршат интензивни контроли со мобилни електронски камери. Целта на нивното вклучување е зголемување на сообраќајната безбедност и намалување на можностите за сообраќајни незгоди“, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

    Целта на проектот, како што велат од полицијата, е намалување на бројот на сообраќајни несреќи и прекршоци, особено во периоди на зголемена фреквенција на сообраќај, кога најчести се брзото возење, опасните претекнувања и непрописното паркирање, особено во туристичките зони.

    Од СВР Охрид нагласуваат дека пред целосното активирање јавноста ќе биде навремено информирана за локациите на камерите, видот на прекршоците што ќе се санкционираат, како и за мерките за заштита на личните податоци, согласно законската регулатива.

    Според полициската статистика, во првите два месеца од оваа година на ова подрачје се случени 15 сообраќајни несреќи. Минатата година во овој период биле регистрирани 19 па, според Димоски, мерките веќе дале резултати.

    Проектот „Безбеден град“ веќе функционира во Скопје, Куманово и Тетово, каде што по тест-периодот што започна на 1 декември 2025, казните се применуваат од 1 февруари 2026. Најавено е дека системот постепено ќе се проширува и во други делови на државата.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира