На гробишата „Камник“ во Скопје, со кои стопанисува АД „Бутел“, вработените избетонирале неколку гробови. Семејствата велат дека со тоа ковчезите на покојните сега се наоѓаат под бетонот, со кој се одделуваат гробните места, а не на местото оставено за поставување споменик. Тие велат дека тоа е направено за да се изведат нови грабни места кои дотогаш ги немало.
„Во тек се градежни активности на гробиштата ‘Камник’, па кога вчера пристигнавме гробовите беа поместени по цело метро од првичната местоположба, со цел помеѓу гробовите да се добие простор за да се изведат нови гробни места и очигледно за желба за профит од страна на погребално претпријатие ‘Бутел’“, велат семејствата кои случајот го пријавиле во полиција.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Од АД „Бутел“ ни кажаа дека е направена грешка, која ќе биде исправена.
„На градските гробишта ‘Камник’, бетонирањето на гробни места односно поставување бетонски фундамент е обврска на ‘Бутел’ АД Скопје. При изведувањето е направена техничка грешка која е веднаш исправена, односно во разговор со семјствата со нивна целосна информираност, бетонскиот фундамент во текот на денешниот ден се поставува со точни димензии. Остварена е средба на директорот со семејствата и по нивно барање ќе биде поставен потпорен бетонски ѕид со кој ќе се заштити просторот“, велат од АД „Бутел“.
А. АНТЕВСКА



