Македонија е неславен лидер по стапката на појава на рак на грлото на матката, односно секоја година се дијагностицираат 24 жени на 100 илјади со рак на грлото на матката, што е двојно повеќе од Србија, речиси тројно повеќе од Словенија и од Грција, стои во Мониторингот на Програмата за скрининг на грло на матка, кој го направи Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ЕСЕ.
„Карциномот кај жените, на светско ниво и кај нас, е четврти по ред карцином како по појавата, така и по смртноста. Ова е единствениот карцином за којшто Светската здравствена организација и многу држави во светот се заложија дека ќе ја елиминираат смртноста и појавата од овој вид на карцином. Тоа може да се постигне преку 90 отсто опфат на девојчињата со ХПВ вакцина, 70 отсто опфат на жените со скрининг за рак на грлото на матката и 90 насто од жените кај коишто има промени да се третираат. За жал, кај нас програмата за скрининг на рак на грлото на матката, иако постои на хартија и секоја година се усвојува од Владата, за жал, во праксата речиси и да не се спроведува“, рече Борјан Павловски од Здружението на денешната прес-конференција.
Најновите податоци кои ги добиле се дека во 2025 се опфатени само околу 33 до 34 илјади жени, што е само 7%. Во изминатите три години, од 2023, 2024 и 2025, бројот на опфатени жени се намалува, од 64 илјади во 2023 година до над 33 илјади во 2025. Тоа значи дека за период од три години имаме опфат на само 32% од жените, наместо посакуваната цел од опфат од 70 до 75%.
- ЛАНИ ИМАЛО 122 НОВОЗАБОЛЕНИ ОД РАК НА ГРЛО НА МАТКА, 48 ПОВЕЌЕ ОД 2024, ВЕЛИ Д-Р КЛИСАРОВСКА ОД ОНКОЛОГИЈА
- ЏАБЕ СКРИНИНГ ЗА РАК НА ДОЈКА И НА ГРЛО НА МАТКА КОГА РЕЗУЛТАТИТЕ МНОГУ ДОЦНАТ ИЛИ ВООПШТО ГИ НЕМА, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
„Дополнителен проблем со скринингот, покрај нискиот опфат на жени, е тоа што сѐ уште кај нас скринингот е со ПАП тест, наместо да се следат најновите светски препораки и од Светската здравствена организација и од развиените држави, ПАПтестот да се замени со ХПВ тест. Значи, за тоа апелираме , преку скрининг програмата ПАП-тестот да се замени со ХПВ тест, затоа што е многу попрецизен, многу полесен за земање (секоја жена практично или секој здравствен работник може да го земе тој тест) и е многу поточно од ПАП-тестот – речиси 99% е точноста на ХПВ тестот“, вели Павловски.
Од Здружението апелираат дека Министерството за здравство и Владата треба да се обврзат и да ги зголемат финансиските средства за оваа програма. Затоа што преку вложувањето во скринингот не само што ќе се спасат животите на жените, ќе се подобри здравјето на жените, но воедно ќе се заштедат и големи средства за комплицираните третмани бидејќи во Македонија, кај најголем дел од жените ракот на грлото на матката се открива во доцна фаза, каде што понатаму се подложни на агресивни третмани, операции, хемотерапија, зрачење, од коишто не само што страдаат жените, а воедно и државата троши поголеми средства.
„Затоа е многу поисплатливо да се вложи во скринингот и во вакцинацијата. Но, за тоа се потребни и кампањи за едукација и информација на девојките и на жените за користа и од ХПВ вакцината и за потребата од правење на редовен ХПВ тест на секои 3 до 5 години, со цел навремено да се откријат промените на рак на грлото на матката. Доколку навремено се откријат, овој рак, како што веќе кажав, може комплетно да се елиминира и да се спречи смртноста“, кажа Павловски.
На новинарско прашање за тоа дали контактирале со Министерството за здравство, Павловски рече дека имаат направено и анализи за колку треба да се зголемат средствата, бидејќи овие 10 милиони денари воопшто не се доволни.
„Постојано ги праќаме нашите препораки до Министерството за здравство, значи со години наназад, ова не е работа од сега. Со години наназад, меѓутоа реално немаме релевантен одговор да споделам, туку само гледаме дека од година во година буџетот на програмата останува ист. Значи веќе скоро 10 години е ист буџетот, а знаеме колку се кренаа цените и стапката на инфлација колку е за овие 10 години, а буџетот на програмата останува ист. Значи не можеме да очекуваме подобрување без зголемен буџет“, кажа Павловски.
Б. НЕСТОРОСКА



