ДЕСЕТ МЕСЕЦИ ПО НАЈАВАТА НИТУ Е САНИРАН ПОСТОЈНИОТ, НИТУ Е ИЗГРАДЕН НОВ МОСТ НА ВАРДАР КАЈ БАШИНО СЕЛО БЛИЗУ ВЕЛЕС

    ДЕСЕТ МЕСЕЦИ ПО НАЈАВАТА НИТУ Е САНИРАН ПОСТОЈНИОТ, НИТУ Е ИЗГРАДЕН НОВ МОСТ НА ВАРДАР КАЈ БАШИНО СЕЛО БЛИЗУ ВЕЛЕСДесет месеци по реконструкцијата, мостот сè уште не е асфалтиран, нема нова ограда, ниту е уредена пешачката патека. (Фото: СДК.МК)

    Изградбата на нов мост на реката Вардар кај Башино Село, веднаш до постојниот, сè уште е во фаза на проектирање, додека асфалтирањето и замената на оградата на постојниот мост остануваат во фаза на испитување на можностите за целосно завршување на санацијата, ни одговорија од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), на прашањата за санацијата на постојниот и изградба на нов кои беа најавени на почетокот на јули 2025.

    „По проектот за изградба на нов мост тече фазата на изработка на проектот. Во проектната програма се дефинирани фазите и потребно е да се завршат сите фази дефинирани во неа. Процесот на проектирање е долг процес, а изработката на основниот проект подлежи на процес на ревизија и одобрување на проектот. Откако овој процес ќе биде целосно завршен, ќе се пристапи кон започнување на активностите за изградба“, велат од ЈПДП.

    Лани, при пуштањето во употреба на санираниот мост кај Башино Село, директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, најави дека е во тек постапка за изградба на нов мост, кој треба да биде лоциран подолу од сегашниот. За есента беше најавено барање изведувач, со веќе избран проект, а беше кажано и дека ќе се користи технологија што досега не била применета во Македонија.

    За реконструираниот постоечки мост, тогаш беше најавено дека до крајот на годината ќе се изврши асфалтирање, уредување на горниот дел и поставување нова ограда. Сепак, десет месеци подоцна, мостот сè уште не е асфалтиран, нема нова ограда, ниту е уредена пешачката патека.

    „Поправката на горниот строј на сегашниот мост кај Башино Село е во фаза кога се испитуваат можностите за негова санација. Поставувањето на нова плоча, изолација и асфалтен слој не смеат да ја нарушат носивоста на мостот. Тоа е дилема која ја предизвикува неговата статичка можност. Од таа причина, во консултации сме со Градежниот факултет од каде очекуваме насоки и откако ќе добиеме детални насоки и препораки, ќе пристапиме кон донесување одлука за идните чекори за можно санирање на мостот. Ова од причини што не смееме да дозволиме дополнително оптоварување на конструкцијата на мостот и со тоа повторно да ја загрозиме безбедноста на учесниците во сообраќајот кои секојдневно гравитираат во овој дел на градот и го поминуваат мостот“, ни рекоа од ЈПДП.

    Санацијата на долниот дел од мостот кај Башино Село, со која се очекуваше да се продолжи неговиот век на употреба за 5 до 10 години, чинеше 320.000 евра. Мостот, изграден од Југословенската народна арија (ЈНА) во 1972 година како привремен армирано-бетонски полумонтажен објект, беше во лоша состојба и беше затворен за сообраќај од 3 јануари до 8 јули 2025. Во тој период, товарниот сообраќај кон индустриските зони и регионот на Азот беше пренасочен низ Велес.

    По реакции од јавноста, мостот беше повторно отворен на 30 јануари со времен режим на сообраќај, односно со наизменично пропуштање на возила по една коловозна лента, сè до 8 јули, кога санацијата беше завршена.

    Со текот на годините, водата од реката ги оштетила гредите и столбовите на мостот. При санацијата, гредите биле армирани и зајакнати, додека столбовите биле заштитени со карбонска мрежа. Дополнително, поставена е челична конструкција што ги поврзува столбовите, со што е добиена поголема стабилност. Од вкупно 170 гредни носачи, половината биле санирани поради нивната лоша состојба.

    Претходната влада во 2024 двапати се обиде да најде изведувач за изградба на нов мост, но без успех, бидејќи на повиците не се јавил ниту еден заинтересиран понудувач.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира