Луксузната населба Сончев Град, која требаше да се гради во атарот на скопското село Сопиште, не постои ни 14 години од почетокот на проектот. Стопиран е целиот проект, кој почна во 2012 година во време кога премиер беше Никола Груевски, и не се знае дали воопшто ќе се реализира.
Државата во 2012 го продаде земјиштето на турската компанијата „Џевахир холдинг“ за 1,7 милиони евра и требаше да го направи патот од Водно до Сончев Град кој чини 6,7 милиони евра, а Општина Сопиште водоводната и канализационата мрежа во вредност од 9,5 милиони евра.
- 13 ГОДИНИ СЕ ГРАДИ ПАТОТ ОД ВОДНО ДО СОНЧЕВ ГРАД ОД 6,7 МИЛИОНИ ЕВРА, НЕ СЕ ЗНАЕ КОГА ЌЕ БИДЕ ПУШТЕН
Во моментов, на терен има само работи за изградба на патот до Сончев Град кои ги изведува Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Но, главниот проблем е што не може да се донесе вода за елитната населба. Во текот на градежните работи за водоводот кој требаше да се носи од Патишка Река било утврдено дека нема доволно вода, па веќе неколку години ништо не се работи, ниту се знае што ќе биде со проектот.
„Градежните работи се прекинати бидејќи нема вода. Информирана е Владата и Град Скопје и сега ќе треба да се направи нова анализа која што ќе покаже што да се прави понатаму“, вели градоначалникот на Општина Сопиште Јане Мицевски.
На нашето прашање дали е почнато да се врши анализата и да се бара решение, со оглед дека за овој проект се потрошени државни пари, Мицевски вели дека не се почнати никакви активности.
Според договорот, турскиот инвеститор требаше на Сончев Град да изгради елитната населба во која ќе има околу 600 куќи, училиште, градинка, спортски терени, зелен појас и трговски центри. Во рок од шест години, требаше да бидат изградени барем 10 отсто од содржините. Но, од ова на терен нема ништо, туку зјаат само празни брда. Влезот до Сончев Град е заграден и на земјиштето има чувар, но ништо не се работи, ниту има најава дека ќе се работи.
А. АНТЕВСКА



