ЗА 6 ГОДИНИ ПРИЈАВЕНИ 604 СЛУЧАИ НА СЕКСУАЛНА ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕЦА, НАЈМАЛОТО ИМА 3 ГОДИНИ

    ЗА 6 ГОДИНИ ПРИЈАВЕНИ 604 СЛУЧАИ НА СЕКСУАЛНА ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕЦА, НАЈМАЛОТО ИМА 3 ГОДИНИНајчести пријавувачи на случаите се јавуваат родителите, старателите и медицинските установи, а поретко образовните институции или центрите за социјална работа. (Фото: К. Попов)

    За шест години во Македонија се регистрирани 604 случаи на сексуална злоупотреба на деца, од кои најмалото е на 3-годишна возраст, се вели во извештајот на Народниот правобранител, кој е реализиран како дел од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.

    Советничката Васка Бајрамовска-Мустафа, која го води одделот кај Народниот правобранител за правата на децата, на денешната прес-конференција рече дека анализата го опфаќа периодот 2020-2025 година и се темели на податоци обезбедени од Министерството за внатрешни работи (МВР), Центрите за социјална работа, судовите, обвинителствата, здравствените установи, граѓански организации, како и податоци добиени од Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство.

    Во периодот 2020-2024 година евидентирани се 508 случаи на сексуална злоупотреба на деца, од кои 455 девојчиња се јавуваат како жртви и 53 момчиња жртви. ​Најголем дел од случаите се однесуваат на тешки кривични дела како: силување на дете под 15 години – 186 случаи. За полов напад и силување регистрирани се 99 случаи, а за вонбрачен живот со дете 96 случаи.

    „​Во текот на 2025, во земјава се евидентирани нови 96 деца жртви на кривично дело против половата слобода и половиот морал, од кои 88 девојчиња и 8 момчиња. Повторно, најчесто како регистрирано кривично дело е силување на дете под 15 години со 48 жртви. ​Иако сексуалната злоупотреба на децата главно ги засега девојчињата, податоците потврдуваат дека и момчињата се жртви, при што е можно реалниот број на машки жртви да е поголем со оглед на потешкотиите за пријавување поради срам, стигма и социјалните норми.
    ​Останати евидентирани дела се: ​Полово вознемирување, по што е пријавено дури 30 пат, што е пораст од 2022 година наваму, како и прикажување на порнографски материјал, производство и дистрибуција на детска порнографија, родосквернавење“, рече Бајрамовска-Мустафа.

    ​Над 57% од жртвите се деца на возраст од 11 до 15 години. ​Околу 90% од жртвите се девојчиња.

    ​Според етничката припадност, најголем број се Македонци, а втори по бројност се ромските деца (над 28% од жртвите), што укажува на поврзаност помеѓу сексуалната злоупотреба и факторите сиромаштија, социјална исклученост и ограничен пристап до институционална заштита.

    „​За жал, евидентирани се и случаи на сексуална злоупотреба кај деца под 10-годишна возраст, вклучително и дете од 3-годишна возраст. Ова претставува сериозен аларм за итно и системско делување, особено во делот на превенцијата и раното препознавање на ризиците“, кажа таа.

    Бајрамовска-Мустафа додаде дека како најчести пријавувачи на случаите се јавуваат родителите (односно старателите) и медицинските установи, а поретко образовните институции или центрите за социјална работа, што укажува на потребата од засилување на едукативната и заштитната улога на училиштата и центрите за социјална работа.

    ​Општа констатација е, рече таа,  дека и покрај постоењето на формално-правна и стратешка рамка, системот за заштита на деца жртви не овозможува доследна, навремена и прилагодена поддршка со почитување на принципот на најдобар интерес на детето.

    „​Анализата покажува постоење на стигма, страв и недоверба кај жртвите и нивните семејства, кои често одбиваат да соработуваат поради срам. Молкот на жртвите упатува на неопходност од поголем број доверливи механизми за пријавување на вакви случаи. Покрај ова, анализата укажува на сериозни слабости во постапувањето на институциите. Иако законот предвидува детето да се сослуша само еднаш, во пракса тоа не се применува доследно. Како резултат на тоа, децата се изложени на повторно преживување на траумата, односно се јавува секундарна виктимизација, што е сериозен институционален пропуст, бидејќи наместо заштита, системот во одредени случаи дополнително ја продолжува штетата“, рече советничката.

    ​Дополнително,  нема соодветни простории за сослушување на деца жртви, обучен кадар за пристап кон деца жртви на сексуално насилство, како и стандардизирана пракса за еднократно интервјуирање во полицијата.
    Анализата покажала дека здравствените тимови се недоволни специјализирани, како и несистемско вклучување на стручни лица во обвинителските постапки, судски постапки кои траат и до две години.

    „Особено загрижува фактот што механизмите за поддршка и обесштетување речиси не функционираат. Во целиот овој период поднесени се вкупно шест барања за паричен надоместок, од кои ниту едно не резултирало со реална поддршка. ​Недоволната искористеност, административните пречки и слабата меѓуинституционална координација укажуваат дека правото на паричен надоместок сè уште не е ефективно достапно за децата жртви на сексуално насилство. Оттука, неоспорно е дека постоењето на закон не е доволно, односно дека е потребна нивна доследна примена, системски промени и пристап кој ќе го постави детето во центарот на вниманието“, кажа Бајрамовска-Мустафа.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира