Граничниот премин Маркова Нога-Лемос од грчката страна треба да биде изграден до април 2028, наместо до крајот на 2027, како што беше најавено во март 2025. Според објавата на Општина Преспа, Грција, договорот за градежни работи и уредување на околината на граничната станица Лемос беше потпишан во април годинава, што значи таму допрва ќе почне да се гради. Рокот е 24 месеци што значи дека треба да биде завршен до април 2028 година. Од македонската страна досега е изградено околу 60 отсто од граничниот премин Маркова Нога.
„Проектот се однесува на изградбата на потребната инфраструктура за беспрекорно работење на полициска и царинска контрола на граничниот премин. Градбите вклучуваат осум контролни пунктови (шалтери), централна двокатна зграда, каде во приземје ќе бидат сместени услугите за контрола, додека на катот ќе бидат уредени простории, потоа уште една зграда и паркинг за возила“, се вели во објавата на грчката Општина Преспа.
Според најавите во 2025, беше предвидено имплементацијата на проектот да започне на почетокот на 2025 и да биде завршена до крајот на 2027, но од грчките власти не добивме детали за доцнењето. Средствата во износ околу од вкупно 14 милиони евра за целиот проект се обезбедени преку Европската унија (ЕУ), а имплементацијата се одвива преку Програма за развој на Обединетите нации (УНДП).
Јорго Аманатидис, регионален гувернер на Западна Македонија, во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека отворањето на граничниот премин помеѓу Грција и Република Северна Македонија во Преспанскиот Регион претставува клучна интервенција за зајакнување на билатералните односи, ветувајќи значајни еколошки, социјални и економски придобивки за прекуграничниот регион.
„Оваа иницијатива се темели на Договорот од 2019 година меѓу двете земји за воспоставување граничен премин во областа на Преспанското Езеро. Новиот премин, заедно со комплементарни проекти, има за цел регионален развој и создавање транснационална развојна зона. Историски гледано, граничниот премин Лемос функционирал до 1967 година помеѓу Грција и Република Северна Македонија и им служел на жителите од регионот од двете страни на границата. Преминот бил укинат и, иако односите меѓу двете земји биле стабилни по 1974 година, граничниот премин никогаш не бил повторно воспоставен. По Заедничката декларација на премиерите во февруари 2000 година за воспоставување на првата прекугранична заштитена област на Балканот, потребата за одржлив развој во регионот, со истовремена заштита на животната средина, го отвори прашањето за локални гранични премини и прекугранични водни движења. Обидот за повторно отворање на граничниот премин меѓу двете земји ќе придонесе за развојот на туризмот во регионот, поради локацијата на проектот, заедничкиот Преспански граничен парк, место со особена природна убавина и потенцијал за туристички развој, кој дополнително ќе се зајакне со отворањето на граничниот премин“, вели Аманатидис во изјавата што ја пренесе грчката амбасада во Македонија.

Откако на 12 март 2025 беше ставен камен-темелникот за реконструкцијата на граничниот премин Маркова Нога-Лемос во Преспа, кај нас патот е проширен и израмент, подготвен за асфалтирање, се градат царинската управа со придружната инфраструктура, работат градежни машини. (Фото: СДК.МК)
Тој повтори дека отворањето на преминот е втора фаза по проектот „Гранична станица во областа на Преспанското Езеро: Подготвителни активности за воспоставување на граничен премин“ (БорПрес) во рамките на програмата ИНТЕРРЕГ ИПА ЦБЦ 2014–2020.
„Оваа фаза се фокусира на изградба на нов објект на грчка страна, реконструкција и реновирање на државната гранична полициска станица кај Маркова Нога, каде што ќе се воспостави идниот премин, како и воспоставување пешачка врска со објектите на граничниот премин Маркова Нога-Лемос. Оваа втора фаза од проектот (БорПрес2) е поднесена на 11 октомври 2024 како стратешки проект за финансирање во рамките на програмата ИНТЕРРЕГ ИПА ЦБЦ 2021–2027, со вкупна вредност од 7.727.272,00 евра“, вели Аманатидис.
Во изминатата година, откако на 12 март 2025 беше ставен камен-темелникот со што се означи почетокот од реконструкцијата на граничниот премин Маркова Нога-Лемос во Преспа, кај нас патот е проширен и израмент, подготвен за асфалтирање, се градат царинската управа со придружната инфраструктура, работат градежни машини. Од грчка страна уште нема ништо – ни машини, ни работници, ни градежни интервенции.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



