ЖИРИТО НА ВЕНЕЦИСКОТО БИЕНАЛЕ НА УМЕТНОСТА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА НЕКОЛКУ ДЕНА ПРЕД ОТВОРАЊЕТО ПОРАДИ СПОР ОКОЛУ УЧЕСТВОТО НА РУСИЈА

    ЖИРИТО НА ВЕНЕЦИСКОТО БИЕНАЛЕ НА УМЕТНОСТА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА НЕКОЛКУ ДЕНА ПРЕД ОТВОРАЊЕТО ПОРАДИ СПОР ОКОЛУ УЧЕСТВОТО НА РУСИЈАСвеченоста на доделување награди претходно закажана за 9 мај, ќе се одржи на 22 ноември. (Фото: Венециско биенале на уметност)

    Жирито на Венециското биенале на уметноста поднесе оставка само неколку дена пред отворањето закажано за 9 мај, во услови на спор околу одлуката да ѝ се дозволи на Русија да учествува.

    Оставката на петчленото меѓународно жири беше објавена доцна синоќа во кратко соопштение од организаторите на Биеналето, и дојде еден ден откако италијанското Министерство за култура испрати инспектори во Венеција во потрага по информации за одлуката да ѝ се дозволи на Русија да има павилјон на уметничката манифестација.

    По оставките, Биеналето соопшти дека одлучиле  свеченоста на доделување награди, претходно закажана за 9 мај, да се одржи на затворањето, на 22 ноември.

    Исто така беше наведено дека ќе се доделат две награди, од кои едната може да ѝ припадне на која било од „националните учества вклучени во 61-та изложба, согласно официјалната листа, следејќи го принципот на инклузивност и еднаков третман“.

    „Ова е во согласност со основачкиот дух на Венециското биенале, заснован на отвореност, дијалог и отфрлање на каква било форма на затвореност или цензура. Биеналето настојува да биде, и мора да остане, место на примирје во име на уметноста, културата и уметничката слобода“, стои во соопштението.

    Минатата недела жирито соопшти дека нема да доделува награди на уметници од земји чии лидери се соочуваат со обвиненија за злосторства против човештвото пред Меѓународен кривичен суд, одлука која очигледно се однесуваше на Русија и Израел.
    Жирито на Биеналето е одговорно за избор на добитниците на наградите Златен лав и Сребрен лав меѓу 110-те уметници кои учествуваат на настанот, што се отвора на 9 мај.

    Организаторите на изложбата со недели се соочуваат со критики поради тоа што ѝ дозволија на Русија повторно да го отвори својот павилјон на настанот.
    По целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 , Биеналето, една од најважните културни институции во Италија, ја осуди агресијата и забрани пристап до тогашното издание за сите поврзани со Кремљ. Иако никогаш формално не ѝ забрани учество на Русија, земјата не учествуваше на изданијата во 2022 и 2024 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира