Војната во Иран би можела да има драматични последици и да предизвика недостиг на храна и раст на цените во најсиромашните африкански заедници, вели првиот човек на најголемата светска компанија за ѓубрива. Свејн Торе Холсетер, извршниот директор на „Јара интернешнал“, вели дека светските лидери треба да се заштитат од енормниот скок на цените и недостигот на ѓубрива, што би довело до глобално наддавање за резерви кои посиромашните земји не можат да си ги дозволат.
Тој смета дека е важно навреме да се алармира за ризикот ѓубривата да станат недостапни за најранливите категории граѓани. Иако Африка има потенцијал да биде голем производител на храна, во реалноста таа во моментов е масовен увозник. Холсетер вели дека во Европа нема да има глад, но мора да се биде свесен на кого му се одзема храната во случај на светско наддавање за ресурси.
Влијанието на војната веќе се чувствува во синџирите на снабдување, особено во Етиопија и Кенија кои сериозно зависат од азотни ѓубрива од Блискиот Исток. Цената на уреата, која е клучна состојка за ѓубривата, пораснала за 60 до 70 отсто откако САД и Израел ја започнаа војната против Иран на крајот на февруари.
Дополнителен проблем е производството на амонијак, чии залихи се загрозени поради воените дејствија. Земји како Катар целосно го прекинаа производството бидејќи чувањето на оваа токсична материја е премногу ризично во воени услови.
Холсетер вели дека се губи производство секој ден и дека ќе бидат потребни недели или месеци за повторно да се започне со работа. Земјоделците во потсахарска Африка се соочуваат со овие предизвици токму на почетокот на сезоната на сеење, а дополнителен проблем ќе биде создавањето залихи за насадите во 2027 година.
„Јара интернешнал“ е норвешка мултинационална компанија која има свои погони во 60 земји, а продажба врши во 140 држави ширум светот. Холсетер допатува во Лондон за да им укаже на светските лидери на опасноста од ескалација на ситуацијата пред да биде предоцна за реакција.



