Случајот со родилката Јилдиз Веапоска од Дебар, која при породување остана без три органи, се враќа во судница. Апелациониот суд ја потврди затворската казна за првообвинетиот гинекологот Мухамед Асани, поранешен директор на Струшката болница, додека за двајцата други обвинети, неговиот син Блертон Асани и Лилјана Јовановска, кои беа ослободени од вина, предметот е вратен на повторно судење.
Правниот застапник на оштетената, Сашо Јанев, очекува повтореното судење да биде пократко оти доказите веќе еднаш биле разгледани. Според него, во вакви случаи судот главно ги коригира евентуалните пропусти од првичната пресуда и постапува по насоките дадени од повисокиот суд.
„Според моето искуство, повтореното судење не би требало да трае долго, бидејќи најголемиот дел од постапката веќе е спроведен во првото судење. Вообичаено, се отстрануваат евентуалните недостатоци од првичната пресуда и се постапува согласно насоките на Апелациониот суд, односно, одредени докази повторно се проверуваат или повторно се изведуваат“, вели Јанев.
Паралелно со кривичната постапка, оштетената во граѓанска постапка ќе бара и финансиска отштета оти при лекарска грешка ѝ биле отстранети матката, јајникот и бубрегот.
„Најавивме оштетно побарување и ќе се приклучиме кон кривичниот прогон, додека надоместот на штета ќе го бараме во граѓанска постапка. Станува збор за стандардна процедура која најчесто следи по донесување осудителна пресуда“, вели Јанев.
Со правосилната одлука, Асани е осуден на три години затвор за тешки дела против здравјето на луѓето, а дополнително му е изречена и петгодишна забрана за вршење лекарска дејност.
Родилката била примена во болница на 27.08.2020 година заради породување на Гинеколошкото одделение, бидејќи била во 40-тата недела од бременоста. Ја примил првообвинетиот кој ја водел како пациент во текот на целата бременост и донел одлука породувањето да биде извршено со царски рез. При операцијата му асистирал второобвинетиот, но при изведувањето на царскиот рез тие ја оштетиле левата бубрежна артерија.
Според наводите во обвинението, во обид да се запре крварењето, првообвинетиот, со асистенција на третообвинетата, пристапил кон нов оперативен зафат, при што биле отстранети матката и левиот јајник, иако на овие органи не биле утврдени претходни оштетувања или промени. Бидејќи крварењето продолжило и по затворањето на пациентката, била изведена уште една хируршка интервенција.
Во обвинението се наведува дека при последниот зафат било утврдено оти изворот на крварењето е оштетување на бубрежната артерија, настанато за време на царскиот рез. Поради неможноста за нејзина реконструкција, артеријата била подврзана, а левиот бубрег отстранет со цел да се спаси животот на пациентката. По стабилизирањето на состојбата, таа била препратена на понатамошно лекување во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Судскиот процес со родилката од Дебар во кој првообвинетиот Мухамед Асани, лекар-специјалист гинеколог акушер е осуден за кривичното дело Тешки дела против здравјето на луѓето, почна во 2022 година.
С. ВРЕНЦОВСКА



