ТЕПАЧОТ СТОЈАНЧЕ ЈОВАНОВСКИ ДОБИ МАКСИМАЛНА КАЗНА ЗАТВОР ОД 12 ГОДИНИ ЗА НАВЕДУВАЊЕ НА САМОУБИСТВО НА СОПРУГАТА ИВАНА, ОБВИНИТЕЛКАТА БАРА ДА СЕ ДОНЕСАТ ПОСТРОГИ ЗАКОНИ ЗА ВАКВИ ДЕЛА

    ТЕПАЧОТ СТОЈАНЧЕ ЈОВАНОВСКИ ДОБИ МАКСИМАЛНА КАЗНА ЗАТВОР ОД 12 ГОДИНИ ЗА НАВЕДУВАЊЕ НА САМОУБИСТВО НА СОПРУГАТА ИВАНА, ОБВИНИТЕЛКАТА БАРА ДА СЕ ДОНЕСАТ ПОСТРОГИ ЗАКОНИ ЗА ВАКВИ ДЕЛАСтојанче Јовановски од прв ден е сам на судењето, па така и на денешното рочиште за соопштување на пресудата. (Фото: СДК.МК)

    Стојанче Јовановски, обвинет дека по долго тепање и сурово постапување ја натера сопругата Ивана Стојаноска на 2 март да си го одземе животот скокајќи од балкон со своето дете Катја, доби максимална казна што ја дава Кривичниот законик за вакви дела, вкупно 12 години затвор.

    „Судот даде максимална вкупна казна, колку што му дозволува законот за трите кривични дела. Ивана и Катја повеќе ги нема, ниедна казна не може да ги врати. Но казнената политика треба да биде построга и надлежните треба да размислат – дали треба и за телесна повреда од семејно насилство и за наведување на самоубиство, максимално пропишаните казни да бидат исти, по 5 години?”, постави дилема обвинителката Адела Бојчевиќ за експертите и за Парламентот кој ги носи и менува законите и според кои работат обвинителството и судовите.

    Судијата Ивица Стефановски пред да ја соопшти одлуката почна со тоа дека обвинетиот е виновен по првата точка за нанесување телесна повреда од семејно насилство, оти на втори март на повеќе локации низ Скопје вршел семејно насилство врз Ивана Стојаноска, удирајќи ја повеќепати со шлаканици пред сведокот Мартин Саздов, навредувајќи ја, удирајќи ја со тупаници, а во колата на сведокот фатил и да ја дави, по што таа се онесвестила и добила подливи на лицето.

    Потоа и пред Основниот кривичен суд почнал да ја удира, да ја пцуе, да ја нарекува „курво“.

    Виновен е и за втората точка – Загрозување на сигурноста. Тој ја држел под закани по животот, ја тепал пред шестгодишната Катја, нивната сега покојна ќерка, која според сведоците и претходно, кога била помала, боса по чорапчиња барала помош од соседите со страв: „Тато ќе ја убие мама!”.

    На 2 март и претходно, на повеќе локации ја малтретирал, тепал, и’ се заканувал дека ќе и го земе не само станот, туку и детето Катја, искористувајќи ја нејзината станбена зависност од него. На втори, денот на најсуровото постапување од страна на обвинетиот, Ивана се заклучила во станот на улица Теодосиј Гологанов во Карпош, го зела детето во раце додека Стојанче чекал долу со сведокот Мартин за да ја иселат од станот, и од балконот со Катја скокна на плочникот на зградата.

    За Телесна повреда Стојанче доби максимални 5, за Загрозување на сигурноста максимално пропишаните 3 години и за Наведување на смоубиство и помагање во самоубиство максималните 5, или вкупна казна од 12 години затвор.

    Судот не може да даде казна колку што е збирот, мора една година помалку, зашто така наредува член 44 од ЗКП.

    Стојанче Јовановски од прв ден е сам на судењето, па така и на денешното рочиште за соопштување на пресудата. Ни член од семејството, ни пријател дојде некогаш да му даде поддршка или да го види, со оглед на тоа дека од 2 март е лишен од слобода.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира