Француски професор се наоѓа под истрага откако измислил „Нобелова награда за филологија“ само за да ја добие самиот.
Флоран Монтаклер од Безансон прими Златен медал за филологија во 2016 на церемонија во Националното собрание во Париз, на што присуствуваа министри и нобеловци. Но, наградата била лажна, како и телото што ја додели, Меѓународното друштво за филологија, смислени од Монтаклер за да ги подобри своите академски квалификации.
Истражителите во Безансон сега испитуваат дали биле прекршени некои закони, додека универзитетот на кој Монтаклер предавал 20 години му изрече суспензија на неопределено време.
„Тоа е толку неверојатна приказна, што би можела да биде од филм“, рече Пол-Едуар Лалоа, обвинителот задолжен за истрагата.
Според Лалоа, Монтаклер започнал со својата измама во 2015 година, отприлика во времето кога еден весник од Безансон објавил сторија со наслов: „Локален маж во потесен избор за Нобелова награда“. Во извештајот се вели дека Монтаклер останал меѓу последните петмина кандидати за престижната меѓународна награда.
Во декември беше објавено дека тој ја добил наградата, а во јуни следната година се одржа церемонијата на доделување на наградата во Париз.
Подоцна истата година, приказната достигна ново ниво кога Монтаклер го пречека славниот американски филозоф и лингвист Ноам Чомски и на церемонија во Брисел му додели почесен златен медал од измисленото Меѓународно друштво. Видео од церемонијата може да се види онлајн, како и на веб-страницата на Друштвото, каде што има список на лауреати од 1967 година, вклучувајќи го и италијанскиот писател Умберто Еко.
Монтаклер дополнително ја подобрил својата биографија со тврдењето дека има докторат по француска литература и граматика од Универзитетот за филологија и образование во Луис во американската сојузна држава Делавер. Не постојат записи за овој универзитет.
Целата афера беше откриена во 2019, откако Монтаклер го именуваше романскиот филолог Еуген Симион за следен добитник на наградата. Ова предизвика сензација во Романија, но поттикна тим сомничави новинари да почнат да поставуваат прашања. Тоа, сепак, поминало незабележано во Франција и Монтаклер продолжил да работи на својот универзитет.
Дури минатата година вистината излезе на виделина, кога Монтаклер требало да води дискусија за лажни вести и еден учесник се сетил на гласините од Романија.
Според весникот „Ле Монд“, полицијата извршила претрес во неговата куќа во февруари оваа година. Обвинителството сега треба да оцени дали измислувањето на почестите вештачки ја подобрило кариерата на Монтаклер. Ако не, можеби ќе биде тешко да се докаже дека сторил нешто криминално.



