Судот во Осло го одби барањето на Мариус Борг Хејби, синот на норвешката престолонаследничка Мете-Марит, да биде преместен од притвор во кралската резиденција Скаугум додека ја чека пресудата за случајот со силување. 29-годишниот Хејби се соочува со обвинение во 32 точки, меѓу кои за силување, насилство во блиска врска, закани со смрт и сообраќајни прекршоци. Неговото судење заврши во март, а изрекувањето на пресудата е најавено за почетокот на јуни.
Потегот на Хејби да бара куќен притвор во имотот каде што живеат неговата мајка и очувот, принцот Хакон, беше поттикнат од здравствената состојба на принцезата Мете-Марит. Тој наведе дека поради нејзината хронична болест на белите дробови, таа има потешкотии да го посетува во затворот.
Дополнително, тој пред судот се пожали на тешките услови во самица, наведувајќи дека немањето социјални контакти му предизвикува здравствени проблеми, тресење и несоница.
Судијата Ферде го одфрли ваквото барање со образложение дека постои значителен ризик Хејби да ги повтори кривичните дела доколку биде пуштен од затвор. Во одлуката се наведува дека некои од делата за кои тој се сомничи се случиле токму во резиденцијата каде што сакал да се врати. Судот смета дека во кралскиот дом тој би имал пристап до телефони и би можел да стапи во контакт со жртвите, а беше посочено и дека тој во минатото веќе игнорирал претходно изречени забрани за приближување.
Обвинителството за синот на принцезата бара затворска казна од седум години. Кралското семејство не присуствуваше на судските рочишта, но претходно соопштија дека имаат целосна доверба во правосудниот систем и дека постапката треба да се води на праведен и соодветен начин за сите вклучени страни. Хејби ќе остане во затворот во Осло до конечното објавување на пресудата.



