ДЕЈВИД ГЕТА ЌЕ БИДЕ ГЛАВНАТА МУЗИЧКА ЅВЕЗДА НА ПРОСЛАВАТА НА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ НА МАКЕДОНИЈА

    ДЕЈВИД ГЕТА ЌЕ БИДЕ ГЛАВНАТА МУЗИЧКА ЅВЕЗДА НА ПРОСЛАВАТА НА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ НА МАКЕДОНИЈАБобан Милошески кажа дека ова е нешто најголемо што „Авалон продукција“ го направила во својата кариера (Фото: К. Попов)

    Славниот француски диџеј, продуцент и хитмејкер Дејвид Гета ќе биде главната музичка ѕвезда на прославата на 35 години независност на Македонија, објави Бобан Милошески од „Авалон“, кој ќе го реализира настанот во соработка со Владата. Настаните од прославата ќе се одржуваат од 8 август до 8 септември, кога на стадионот „Тоше Проески“ во Скопје ќе настапи Дејвид Гета.

    Мојата основна идеја беше дека ако славиме, треба да славиме. Ако е бал, треба да биде маскенбал. Без сериозна конкуренција, најголемото шоу на европски артист оваа година се вика ‘David Guetta Full Monolith Stadium Show’. Од музички, а особено од продукциски аспект, ова е нешто досега невидено во европски рамки, а можам да кажам и во светски рамки. И ние се потрудивме истото тоа шоу да го видиме и во Скопје на 8 септември“, рече Милошески.

    За разлика од другите држави, каде што за ваков настап се плаќаат скапи влезници, Милошески кажа дека во Македонија ќе биде бесплатен влез, поради што се очекува и голем интерес во регионот.

    Гета доаѓа во Скопје со своето ново специјално шоу (Фото: Фејсбук)

    Ќе има само суперформална регистрација од 35 денари по влезница и една личност преку мејл ќе може да се регистрира за две влезници. Се одлучивме да не се ограничуваме само на Македонија, па истовремено за овој настан оди соопштение и во Бугарија, Грција, Албанија, Косово, Србија и Хрватска. Ова претставува нешто најголемо што ‘Авалон продукција’ го направила во својата кариера. Ќе имаме задоволство, конечно по 35 години, да го наполниме стадионот во целост, сите четири трибини и теренот“, изјави Милошески, додавајќи дека регистрацијата ќе биде можна од овој петок.

    Милошески најави уште два „светски настанa“ во рамките на прославата, за што ќе информираат во наредниот период, а програмата нема да се одвива само во Скопје, туку и во десетина други градови.

    Ова ќе одекне низ цела Европа. И во Италија денеска ќе објават дека Дејвид Гета ќе настапи во Македонија за 35 години независност. Доколку прославата беше само со локални артисти, чиј квалитет никој не гo оспорува, не верувам дека ќе постигневме таков медиумски бум“, рече Милошески.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира