Премиерот Христијан Мицкоски вели дека за разлика од многумина негови колеги и лидери на држави во регионот, тој не се смета за професионален политичар туку за инженер кој по завршувањето на мандатот планира да се врати меѓу студентите на факултет.
„Јас сум инженер, претпоставувам дека на крајот од овој мандат ќе се вратам меѓу студентите на факултет, за разлика од голем број мои колеги, лидери на држави и премиери во регионот“, кажа Мицкоски.
Говорејќи на Самитот 2026 во организација на Македонија2025, тој рече дека негова желба е зад себе да остави нешто што ќе претставува регионална иницијатива, посочувајќи ја идејата за соработка во енергетскиот сектор.
Во однос на патот кон Европската Унија, Мицкоски вели дека Владата што ја предводи применува различен пристап во споредба со претходната извршна власт. Според него, не постои пократок пат до членството доколку тој со себе носи предизвици кои се понижувачки за државата и граѓаните.
Тој вели дека земјата е подготвена да се движи и по потешкиот пат доколку тоа е потребно, со цел местото во Унијата да се заслужи преку висок квалитет и испорака на реформи.



