Легендарниот хрватски тренер Лино Червар се враќа во македонскиот ракомет, овојпат во Еурофарм Пелистер. Битолскиот клуб потврди дека Червар ќе биде негов тренер од сезоната 2026/27.
„Нашата нова приказна за сезоната 2026/27 почнува со назначувањето на новиот тренер. Нашиот избор падна на олимписки и светски првак, човек кој е синоним за ракометот на овие простори — Лино Червар. Хрватскиот тренерски маг и официјално е нов тренер и предводник на проектот на Еурофарм Пелистер и се обрвза на двегодишен договор“, соопшти клубот на Фејсбук.
Червар, кој беше олимписки и светски шампион со Хрватска и трипати европски вицепрвак, осум години помина во Металург, од 2009 и 2017, што е и најуспешниот период во историјата на сега згаснатиот клуб. Покрај бројните титули на домашната сцена, Червар го одведе Металург до четвртфиналето на Лигата на шампионите. Една година беше и селектор на машката ракометна репрезентација.



