Американскиот претседател Доналд Трамп ја напушти Кина, промовирајќи деловни договори кои не им донесоа многу радост на пазарите, додека Пекинг го предупреди Вашингтон околу Тајван и рече дека војната со Иран никогаш не требала да почне.
Самитот беше исполнет со свечености, од големи приеми до раскошни банкети и приватни обиколки, додека Трамп постојано го фалеше својот домаќин Шји Џинпинг.
„Ова беше неверојатна посета. Мислам дека многу добри работи произлегоа од неа“, му рече Трамп на Шји на нивниот последен состанок.
Но, непосредно пред денешниот состанок, кинеското министерство за надворешни работи издаде соопштение, во кое ја изрази својата фрустрација од војната на САД и Израел со Иран.
„Овој конфликт никогаш не требаше да се случи и нема причина да продолжи“, соопшти министерството, додавајќи дека Кина ги поддржува напорите за постигнување мировен договор.
Трамп рече дека разговарале за Иран и дека размислувале многу слично, иако Шји не коментираше. Се очекуваше Трамп да ја повика Кина да ја искористи својата моќ за да го притисне Иран да склучи договор. Белата куќа соопшти дека двајцата лидери се согласиле дека Ормускиот Теснец треба повторно да се отвори.
Американските функционери изјавија дека е постигнат договор за продажба на земјоделски производи и дека има напредок во воспоставување механизми за управување со идната трговија. За договорите се објавени малку детали. Трамп претходно кажа дека Кина се согласила да купи 200 авиони „боинг“.
Шји Џинпинг вчера го предупредил Трамп дека лошото справување со нивните несогласувања околу Тајван може да ги доведе односите помеѓу Кина и САД на многу опасно место. Според кинеската новинска агенција „Синхуа“, Шји му рекол на Трамп дека ако прашањето на Тајван не се управува добро, двете земји ќе се судрат или дури ќе дојдат во конфликт. Трамп досега не коментираше што зборувале за Тајван.



