По зимскиот период, откриени се мозаиците во археолошкиот локалитет Стоби. После неколкумесечна пауза, тие се достапни за посетителите, откако беа прекриени со песок заради заштита од ниските температури и временските непогоди.
Од НУ Стоби велат дека мозаикот се буди од својот зимски сон, повторно откривајќи ја својата убавина и нè враќа во доцноантичко Стоби, каде уметноста и секојдневието се испреплетуваат во камен и боја. Тоа што е значајно е дека по долго време повторно се открива уште едно скриено богатство на Стоби. Во Куќата на Партениј пред посетителите повторно се отвора мозаик што со години беше недостапен за јавноста.
„Мозаикот е изработен со тесери, камчиња, кои биле од околината на локалитетот, не се носени специјално од друго место. Нивната големина е од 8 милиметри до 2 сантиметри и се во шест бои, работени од различен материјал, мермер, песочник, варовник и траветит. Не се пронајдени стаклени тесери, сè е со природен материјал. Бил откриен во 1930-ите, направени биле мали интервенции во 1970-ите заради стабилизација на мозаикот. Тогаш бил употребен цементен малтер, кој во тоа време се сметал за најсоодветен за овие интервенции. Денес тоа се избегнува, се заменува со малтер изработен на база на вар“, кажа Томе Филов, виш конзерватор во Стоби.
Куќата на Партениј, каде е овој мозаик, зафаќа простор од 500 квадратни метри и е во средишниот дел на локалитетот, веднаш до Теодосијанската палата. Таа има шест простории со правоаголен базен. Мозаикот е на југоисточната страна од тремот.
„Видливо е дека недостасува поголем дел од мозаикот, од северозападната страна на просторијата, а од другата страна е покриен со камени плочи поставени 30 сантиметри над него и како под покриваат 25 сантиметри од неговата површина. Првпат е откриен во 1930-ите. Изработен е во полихромна декорација со геометриски форми. Бидејќи недостасува поголем дел од него, се претпоставува дека има девет квадрати, распоредени во формат 3 по 3, одвоени со плетенка. Секој квадрат е исполнет со различна декорација. Тоа што е сочувано е со 24 квадратни метри, најверојатно целиот мозаик бил 60 квадратни метри. За жал, имаме сочувано нешто повеќе од една третина“, вели Филов.
После долги години, мозаикот во Куќата на Партениј е отворен во 2018. Поради долгиот период на неодржување, бил во лоша состојба. Биле направени превентивни стабилизациски интервенции за спречување на натамошна деградација на мозаикот. Годинава, повторно се добиени средства за конзервација, при што во јуни и јули ќе започне процесот на реставрација на мозаикот.
П. ПЕЧКОВ



