За 12 часа се распродадени картите за настапот на диџејот Дејвид Гета на арената „Тодор Проески“ за прославата на 35 години независност на Македонија што ќе се одржи на 8 септември. Продадени се 50.000 влезници.
„Повеќе од 250.000 луѓе, голем дел од нив во ист момент, се приклучија на avalonbooking.mk, што предизвика потешкотии при логирањето и купувањето влезници кај дел од корисниците, земајќи предвид дека побарувачката евидентно го надмина капацитетот и бројот на достапни влезници“, велат од „Авалон“.
Секој што има купено влезници ќе го добие својот пдф документ со влезниците најдоцна до 17 мај, имајќи предвид дека станува збор за 50.000 влезници кои треба да бидат процесирани. 93% од влезниците се продадени на корисници од Македонија, додека останатите 7% се продадени на корисници ширум светот, вели „Авалон“.
Славниот француски диџеј, продуцент и хитмејкер Дејвид Гета ќе биде главната музичка ѕвезда на прославата на 35 години независност на Македонија. Влезот ќе биде бесплатен односно граѓаните кои купиле карти платија само 35 денари за регистрација при купување на билетите.
Колку ќе чини настапот на Гета односно колку пари од државниот буџет ќе се издвојат не се знае. На прес-конференцијата за најава на прославата која се одржа на 12 мај, Бобан Милошевски од „Аволон“ не сакаше да каже колку чини ангажирањето на францускиот диџеј. Рече дека настапот во Македонија бил договорен за помалку пари отколку во другите градови каде настапувал.
Ниту од Владата не кажуваат колку пари ќе се потрошат за Гета и за целата организација на прославата за 35 години независност.
А. АНТЕВСКА



