СКОПСКИТЕ КИНА МИЛЕНИУМ И ФРОСИНА СУСПЕНДИРАНИ ОД ФИЛМСКАТА МРЕЖА ЕУРОПА СИНЕМАС ОТИ НЕ РАБОТАТ

    СКОПСКИТЕ КИНА МИЛЕНИУМ И ФРОСИНА СУСПЕНДИРАНИ ОД ФИЛМСКАТА МРЕЖА ЕУРОПА СИНЕМАС ОТИ НЕ РАБОТАТКиното Милениум е затворено и во мрак од лани на 2 април, кога на својата фејсбук страница објави дека поради технички причини, нема да прикажува проекции во следниот период. (Фото: К. Попов)

    По скоро 15 години, мрежата Еуропа Синемас (Europa Cinemas) ги суспендираше членствата на кината Милениум и Фросина во Скопје,  бидејќи Милениум е затворено од април 2024, a Фросина нема континуирана филмска програма поради акумулираниот долг кон дистрибутерите на филмови. Поддршката од мрежата во минатите години изнесуваше меѓу 6.000 и 10.000 евра на годишно ниво, кои се исплаќаа како субвенции по секој продаден билет.

    Кината се под надлежност на Младинскиот културен центар (МКЦ), од каде што вработените уште лани апелираа дека МКЦ е во очајна состојба, иако до пред пет години беше една од најбрзо растечките институции со сериозна програма и генерирани приходи. Минатата година, тие предупредија дека поради скоро исчезнатата продукција на настани во организација на МКЦ, загрозени се членувањата во меѓународните мрежи како ЛајвЈуроп (LiveEurope), ФИАПФ и Еуропа Синемас, под закана дека ќе бидат исклучени.

    „Тие мрежи значат живот за МКЦ, бидејќи без нивна поддршка, ќе ги снема од европската мапа. Мрежата Еуропа Синемас функционира според утврдени професионални стандарди и критериуми, при што членството и финансиската поддршка се поврзани со активна и континуирана киноприкажувачка дејност. Клучен предуслов е киносалите редовно да реализираат програма со европски филмови, особено филмови од други европски земји, како и да обезбедуваат континуитет во работата, број на проекции и публика. Во случајот со кино Милениум и кино Фросина, прекинот на редовното функционирање и неможноста за одржување континуирана кинопрограма довеле до неисполнување на условите предвидени од мрежата, поради што овие кина повеќе не се дел од Еуропа Синемас“, велат извори од филмската фела за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    До објавувањето на текстот, директорот на МКЦ, Бени Шаќири, не одговори на нашите прашања како ќе се реши проблемот.

    Од Град Скопје, под чија капа е МКЦ, ни рекоа дека со оглед на тоа дека кино Милениум е член на Еуропа Синемас од 2016, а Кино Фросина речиси 15 години има соработка со оваа значајна европска мрежа, ова прашање го третираат сериозно и одговорно.

    „Причината за актуелниот проблем не е едноставна, ниту настанала преку ноќ. Таа е поврзана со подолготрајно нарушување на редовното функционирање на кината, особено со техничките проблеми во кино Милениум, недостигот на континуирана програма и финансиските обврски кон дистрибутерите. Бидејќи членството во Еуропа Синемас зависи од редовна програма, број на проекции, публика и прикажување европски филмови, кината во изминатиот период не биле во можност целосно да ги исполнат потребните критериуми. Нашата цел не е да бараме виновници, туку да најдеме решение. Потребно е итно техничко оспособување на кино Милениум, стабилизација на програмата во Фросина, регулирање на обврските кон дистрибутерите и обновување на комуникацијата со Еуропа Синемас со јасен план за повторно вклучување“, велат од Град Скопје.

    Еуропа Синемас е најголемата европска мрежа на кина што се фокусира на прикажување европски филмови, основана 1992 година. Мрежата денес опфаќа повеќе од 1.200 кина и над 3.000 екрани во десетици европски земји. Главната цел е да ги поддржи кината кои прикажуваат европски филмови што не се од нивната матична држава, како и да развиваат програми за млада публика. Еуропа Синемас обезбедува финансиска и организациска поддршка за кината и организира конференции, обуки, работилници и програми за размена на искуства помеѓу кинопрофесионалци. Посебен фокус има на иновации, развој на публика и културна разновидност.

    Од кабинетот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски велат дека Скопје не смее да остане без јавно кино. Кината Милениум и Фросина, вели Град Скопје, се важни културни простории, кои повторно треба да станат активни, современи и европски релевантни киноцентри.

    „Новата градска администрација веќе започна конкретни чекори за надминување на состојбата, а наскоро ќе започне и процесот на реконструкција и техничко обновување на кино Милениум“, додаваат оттаму.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира