Рекордни 920 тркачи од 40 земји ќе настапат на годинашното издание на Охрид Ултра-Треил, што ќе се одржи денеска и утре. Учесниците ќе трчаат по патеките низ Националниот парк Галичица и крајбрежјето на Охридското Езеро.
„Горди сме што Охрид Ултра-Треил продолжува да расте и да привлекува учесници од целиот свет. Довербата што ја добиваме од тркачката заедница е огромна мотивација за целиот организациски тим“, велат организаторите.
Тркачкиот викенд ќе има шест трки во планинско трчање. Главната трка Охрид Ултра-Треил е долга 105 километри, на која вечерва во 23 часот ќе стартуваат 78 учесници, додека за Галичица Ултра од 65 километри се пријавени 110 тркачи.
Маратонската трка Самотска Треил ќе има 220 учесници, полумаратонската Летница Треил 290 учесници, а останатите две трки се на 10 километри.



