Министерството за образование и наука (МОН) по реакциите на битолчани го врати образовнаиот профил традиционален играч-пејач во Државното музичко училиште во Битола. МОН направи измени во конкурсот за упис на ученици во средните државни училишта, па за Музичкото школо во Битола покрај за узички изведувач и теоретичар годинава ќе има уписи и за традиционален играч и пејач.
Овој образовен профил со едукација започна минатата година, а во првата генерација веќе има 8 ученици од Битола, Струга, Кичево, Демир Капија, Прилеп, Демир Хисар. Во конкурсот објавен во април за упис на ученици во престојната 2026/2027 година не беше предвидено оваа насока да запише повторно ученици во прва година. На тоа реагираа родителите на учениците и на оние кои планираа да се запишат годинава.
„Не дозволувајте дома да згасне изучувањето на македонскиот фолклор во време кога истиот во светот се повеќе станува предмет на изучување и истражување од еминентни институти. Интерес за упис има и меѓу учениците кои претходно се запишале во насоката Изведувачи да се префрлат како и меѓу членовите на културно уметничките друштва кои неуморно регрутираат нови членови кои претставувањето на македонскиот фолклор би го издигнале на академско ниво. Наставниот кадар кој ги предава стручните предмети работи хонорарно. Токму нивниот ентузијазам, посветеност, љубов, и тоа како го задолжуваат МОН да ги подржи во нивната определба и да биде нивна најголема подршка“, напишаа родителите во писмото до МОН.
По ова надлежните соопштија дека уписи ќе има секоја втора година, а сега се измени и тоа, па се дозволи и годинава да се запишат ученици во прва година.
Во првичниот конкура го немаше ни Земјоделското училиште „Кузман Шапкарев“ од Битола, туку беше предвидено земјоделската струка да се префрли во друго средно школо, „Таки Даскало“, поради малиот број на ученици. По реакциите на битолчани дека во срцето на Пелагонија се укинува земјоделско училиште, со традиција од 114 години, настана измена на конкурсот, па училиштето ќе продолжи со работа.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



