„Фјорд“ на романскиот автор Кристијан Мунџиу, со Ренате Ренсве и Себастијан Стан како романски религиозни родители кои се преселуваат во мало норвешко село и се обвинети за злоупотреба на деца, ја освои Златната палма на 79. Кански филмски фестивал. Ова е деби на англиски јазик на Мунџиу, кој со победата се приклучува на елитниот клуб на двократни кански лауерати, по неговата победа во 2007 со „4 месеци, 3 недели и 2 дена“, жестока приказна за нелегалниот абортус во Романија за време на комунизмот.
„Фјорд“ ја освои и наградата на Меѓународната федерација на филмски критиари – ФИПРЕСЦИ.
Ова е седма година по ред како Златната палма ја освојува филм на дистрибутерот „Неон“, кој го откупи „Фјорд“ пред годинешниот фестивал.
„Минотаур“ на рускиот автор Андреј Звјагинцев, преработка на „Неверната сопруга“ на Клод Шаброл како беспрекорен трилер сместен во современа Русија, освои Гран при. Ова е големо враќање на Звјагинцев по долгото боледување од ковид-19 и цензурата од руските власти поради што ја напушти Русија и филмот е снимен во Летонија.
Наградите за најдобра режија ги поделија Хавиер Калво и Хавиер Амброси, корежисерите на шпанската музичка драма „Црн бал“, квир еп со Пенелопе Круз и Глен Клоуз инспириран од Федерико Гарсија Лорка кој се протега низ повеќе епохи, и Павел Павликовски за „Татковина“, студен, трогателен филм сместен во 1949, по враќањето на романописецот Томас Ман (Ханс Цишлер) и неговата ќерка Ерика (Сандра Хилер) во расцепканата повоена Германија по години во американски егзил.
Наградите за најдобар актер ги освоија дебитантите Емануел Макија и Валентин Кампањ за „Кукавица“ на Лукас Донт, драма од Првата светска војна за квир љубовта во рововите. Исто така, наградите за најдобра актерка ги делат француската актерка Вирџини Ефира и Јапонката Тао Окамото за емотивната драма „Сосема одеднаш“ на јапонскиот оскаровец Рјусуке Хамагучи.
Емануел Мар ја освои наградата за најдобро сценарио за „Човек од своето време“, драма што и ја режираше заснована на животот на неговиот прадедо, писател и инженер кој избрал да работи за фашистичкиот режим на Виши. Германската режисерка Валеска Гризебах ја освои наградата на жирито за „Сонуваната авантура“, бавен трилер сместен во Бугарија, кој се прикажуваше на последниот ден од фестивалот.
Церемонијата започна со награда за животно дело, почесна Златна палма, за легендата Барбара Стрејсенд. Стрејсенд, која има повреда на коленото, не можеше да дојде во Кан, но на нејзино барање, легендарната француска актерка Изабел Ипер оддаде почит на нејзиниот живот и кариера. Ипер ги истакна не само неверојатните достигнувања на Стрејсенд во филмот, музиката и на сцената, туку и нејзината поддршка за ЛГБТК+ заедницата и религиозните и етничките малцинства. По говорот на Ипер, следеше видеоснимка од петте децении на Стрејсенд во филмот, од „Смешна девојка“ (1968) и „Ѕвездата е родена“ (1976) до „Јентл“ (1983) и „Запознајте ги Фокеровите“ (2004).
Во обраќањето преку видео, Стрејсенд му се заблагодари на Канскиот филмски фестивал „за оваа величествена награда“. Таа се потсети на гледањето на своите први странски филмови во нејзиното локално кино, „Астор“.
„Бев воодушевена од тие слики на екранот. Беа толку моќни што сè уште се во мојата глава. Сакав да бидам актерка и да живеам во тие поинтересни светови“, рече таа.
Раскажувајќи ги најважните моменти од нејзината кариера, Стрејсенд рече дека тоа што е жена и „актерка која сакала да режира“ било голема пречка, истакнувајќи дека ѝ биле потребни 15 години за да го донесе нејзиниот страсен проект, „Јентл“, на екранот.
„Но, морав да го направам филмот“, рече таа. Заврши со славење на филмот, велејќи дека „ја има таа магична способност да нè обедини и да ги отвори нашите срца и умови. Тоа е она што го славиме во Кан. Фала многу од срце и да живее филмот!“.
Кан честопати се покажа како силен предвесник за сезоната на награди. Неколку од минатогодишните победници, меѓу кои го „Беше само несреќа“ на Џафар Панахи, „Сентиментална вредност“ на Јоаким Триер, „Тајниот агент“ на Клебер Мендонса Филјо и „Сират“ на Оливер Лаше, сите добија номинации за Оскар, а „Сентиментална вредност“ освои и Оскар за најдобар странски филм.



