„Нема ни милиметар да отстапиме идентитетски, нашите позиции се јасни, некултурно би било да го промениме ставот преку ноќ, рече премиерот Христијан Мицкоски во Гевгелија на прашањето што очекува од средбата со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта кој на 2 јуни доаѓа во Скопје, пред на 5 јуни да копретседава со самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, Црна Гора.
Мицкоски кажа дека Македонија и граѓаните на оваа држава премногу дале изминативе години за патот кон ЕУ, а за возврат не добиле ништо или многу малку, а сега повторно има билатерални барања за што, „не сме подготвени да влеземе во нова авантура“.
„За жал, вакви билетареални желби не сме подготвени да исполнуваме посебно по последните изјави на новоизбраниот премиер на нашиот источен сосед, кој гордо кажува дека година време му биле потребни како претседател на Бугарија да ги убеди шефовите на земјите членките на ЕУ дека е потребно да се промени Уставот и дека тоа е само еден обичен почеток, а бидејќи ја знам содржината од разговорот што го имаше нашиот министер за надворешни работи со неговата колешка од Бугарија, можам да кажам дека ова е само еден почеток на она што дополнително следи. Затоа ние немаме намера ни милиметар да се поместиме“, кажа Мицкоски кој во Гевгелија присуствуваше на отворањето на трговскиот центар „Мега шопинг парк“, инвестиција на грчки бизнисмен.
Тој кажа дека како Влада ќе продолжат со реформите и исполнување на критериумите за членство на европското смејство и ќе се бара решение кое нема да го допре достинството на македонските граѓани.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, од 1-5 јуни ќе се сретне со лидерите на земјите од Западен Балкан, и како што соопшти Делегацијата на ЕУ во земјава, ќе разговара за можностите и предизвиците околу проширувањето, постепената интеграција, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста.
„Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал: посветеноста на ЕУ кон регионот е реална; исто толку реална колку и можноста за проширување. Моментумот е тука. Сега е време да се испорачуваат резултати“ изјави Кошта пред да тргне на пат.
В. ТРАЈКОВ



