Во преговорите за договор за прекин на војната со Иран уште нема пробив. Средбата за разгледување на ситуацијата во Белата куќа заврши без резултати, спротивно на претходната најава на американскиот претседател Доналд Трамп.
Состанокот за војната меѓу САД и Иран во Белата куќа заврши без одлука од Трамп, кој заминал по два часа. Тој претходно на својата платформа Трут соушл најави „конечна одлука“ во врска со преговорите со Иран. Зошто, спротивно на таа најава, тој сепак не донел одлука, засега не е познато. Средбата се одржа во таканаречената Соба за ситуации, безбедносниот оперативен центар во Белата куќа. Таму, американскиот претседател се среќава со претставници на безбедносните служби, воените и разузнувачките агенции.
„Претседателот Трамп ќе склучи само договор кој е добар за Америка и одговара на неговите црвени линии“, изјави претставник на Белата куќа по состанокот. „Така, на пример, Иран никогаш не смее да поседува нуклеарно оружје“.
САД и Иран интензивно преговараат за договор за прекин на конфликтот со денови. Според извештаите, договорот бил блиску до постигнување. Трамп, исто така, рече дека Иран ќе мора да ја прекине блокадата Ормускиот Tеснец и да го уништи својот капацитет за производство на нуклеарно оружје – два услови на кои Техеран не се согласил.
„Иран мора да се согласи дека никогаш нема да има нуклеарно оружје или бомба. Ормускиот Теснец мора веднаш да биде отворен, без патарини, за неограничен бродски сообраќај, во двата правци“, рече Трамп, додавајќи дека нуклеарниот материјал ќе биде „откриен“ од САД.
Сепак, останува неизвесно дали Трамп ќе го прифати договорот постигнат од преговарачите. Исто така, нема ниту официјална потврда од иранското раководство. Напротив, Иран, го обвини Трамп дека ги извртува или игнорира клучните спогодби од планираниот договор. Новинската агенција Фарс, блиска до Иранската револуционерна гарда, повикувајќи се на информирани извори, напиша дека американскиот претседател се обидува да инсценира привиден успех.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Исмаил Багаи, според новинската агенција Исна, изјави дека Иран и САД продолжуваат да разменуваат пораки. Сепак, конечен договор сè уште не е постигнат. Багаи понатаму изјавил:
„Од поимот ‘мора’ се откажавме пред 47 години. Не се раководиме според тоа што другите го бараат од нас, туку одлучуваме врз основа на нашите интереси и права“. Понатаму се наведува дека ова „мора“ треба да се интерпретира како „ве молиме“.
Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, и покрај позитивните сигнали за преговарачко решение, рече:
„Ние не веруваме ниту на гаранции ниту на зборови. Одлучувачки се само делата“, напиша тој на платформата Икс. Вистински победник во еден договор, додаде тој, е оној што следниот ден е подобро подготвен за војна. Галибаф истакна дека Иран не добива отстапки преку разговори, „туку преку ракети“.



