СЕ ПРЕСЕЛИВ ОД ХОЛАНДИЈА ВО МАКЕДОНИЈА ПОРАДИ ПОТЕКЛОТО НА МАЈКА МИ, А ЌЕ СТУДИРАМ ВО ХОНГКОНГ, ВЕЛИ МАТУРАНТОТ ГРЕГОР МУЛДЕР ОД „НОВА“

    СЕ ПРЕСЕЛИВ ОД ХОЛАНДИЈА ВО МАКЕДОНИЈА ПОРАДИ ПОТЕКЛОТО НА МАЈКА МИ, А ЌЕ СТУДИРАМ ВО ХОНГКОНГ, ВЕЛИ МАТУРАНТОТ ГРЕГОР МУЛДЕР ОД „НОВА“Од Холандија, Грегор Мулдер во трета година средно училиште се преселил во Македонија поради потеклото на мајка му. (Фото: Приватна архива)

    Грегор Мулдер, талентираниот матурант од меѓународното училиште „НОВА“ во Скопје, наесен ќе ги започне студиите по бизнис и менаџмент на Универзитетот за наука и технологија во Хонгконг, Кина, еден од најпрестижните универзитети во Азија. Иако неговиот најголем интерес долго време бил механичкото инженерство, денес вели дека иднината ја гледа во финансиите и инвестициите. Веќе има импресивно искуство, од дебати со директори на глобални компании на само 14 години, до спортски успеси, шах, пијано, инвестирање и волонтерство со деца во социјален ризик.

    Неговата животна приказна се менува кога од Холандија се преселува во Македонија на почетокот на трета година средно училиште.

    „Преселбата од Холандија во Македонија беше голема промена за мене, и на лично и на академско поле. Бидејќи моите родители требаа да продолжат со работа во Холандија, морав да почнам да живеам сам на 16 години. Оваа промена ме научи на дисциплина и менаџирање со време, бидејќи во исто време требаше да најдам рамнотежа помеѓу грижата за себе, личните хобија, и академските предмети, а тоа не е лесна задача. Сепак, овие новостекнати вештини ги применив во училиште кога ми беше многу полесно да ги комбинирам учењето и планирањето на испитите“, вели Грегор.

    На 14 години  успеав да присуствувам на состанокот на Топ 1000 фондови во Синт Герлах, каде бев дел од дискусијата за новиот европски климатски закон, вели Мулдер. (Фото: Приватна архива)

    Неговата мајка е по потекло од Македонија, а татко му е Холанѓанец, па растел со влијанија од двете култури.

    „Мајка ми е по потекло од Македонија, па на некој начин, преселбата ми помогна подлабоко да се поврзам со тој дел од мојот идентитет и семејното наследство. Татко ми е Холанѓанец, така што пораснав со холандски и македонски влијанија, а живеењето во Скопје ја зацврсти таа врска. Со преселбата стекнав поголема меѓународна перспектива и разбирање за местото на потекло на мајка ми, нејзината култура и јазик“, вели тој.

    Пред да се запише во „НОВА“, Грегор учел во гимназија во Лајден, каде предметите биле на ниво на факултет. Разликите меѓу образовните системи ги почувствувал веднаш.

    „Во поглед на образованието, најголемата разлика за мене беше промената на меѓународната средина. Стапувањето во контакт со многу различни култури и потекла ми помогна да имам пошироки сфаќања за светот и да се прилагодувам полесно. Во холандскиот образовен систем, сè е однапред уредено, многу директно и организирано, додека според програмата на Меѓународната матура, треба самиот ученик да се посвети на индивидуално истражување и да бара информации што, пак, уште повеќе ми помогна да развијам флексибилност и независност“, кажа Мулдер.

    На почетокот не му било лесно да се привикне на македонскиот менталитет, но со време успеал да ја прифати разликата.

    „На почетокот ми беше малку тешко да се привикнам на македонскиот менталитет затоа што прилично се разликува од холандскиот. Во Холандија луѓето сакаат однапред да планираат и повеќе да се однесуваат индивидуалистички, додека пак во Македонија забележав дека луѓето се однесуваат многу поспонтано, топло и колективистички. Со текот на времето научив како да ја ценам таа разлика и да се прилагодам на неа“, вели талентирфаниот ученик и додава дека македонскиот јазик постепено го совладува.

    „Во однос на учењето на македонскиот јазик, сега можам да водам едноставни разговори, но има и простор да се подобрам. Веќе можам приличн да разберам што, пак, ми помага да се поврзам со луѓето околу мене“, додава Грегор.

    Едно од највпечатливите искуства во неговата биографија е моментот кога на само 14 години дебатирал со директори на глобални компании на самитот на Топ 1000 фондови во Синт Герлах.

    „На 14 години  успеав да присуствувам на состанокот на Топ 1000 фондови во Синт Герлах, каде бев дел од дискусијата за новиот европски климатски закон кој налага сите компании во Европа да бидат неутрални во однос на испуштениот јаглерод до 2050 година. Овој состанок вклучуваше извршни директори на големи компании, меѓу кои и лидерите на ‘Шел’ и ‘Филипс’“.

    Од тоа искуство, вели, научил една многу важна лекција.

    „Она што го научив од тоа искуство е дека не значи оти возраста ја ограничува вредноста на твоите идеи. Ако си добро подготвен, самоуверен и способен јасно да го искажеш сопственото мислење, луѓето ќе сакаат да те слушаат“, вели Грегор.

    По дебатата му била понудена можност да биде младински советник во „Ју-Кеј Робеко“.

    „Позицијата ‘младински советник’ во ‘Ју-Кеј Робеко’ (UK Robeco) беше неформална можност што ми беше понудена по дискусијата. Идејата беше да се сподели перспективата на младите луѓе на теми како што се одржливост, бизнис и иднината на инвестициите. За мене, тоа помалку значеше работа во формална корпоративна улога, а повеќе покана да споделам како размислуваат младите луѓе во однос на одговорноста, климатските промени и долгорочните одлуки. Иако ми беше понудена таа можност бидејќи веруваа во моите способности, официјално позицијата не беше вистински пополнета, бидејќи според холандскиот закон бев премногу млад за формално да видам вработен“, вели Мулдер.

    Иако долго време сметал дека неговата иднина е во механичкото инженерство, искуството во Хонгконг му помогнало појасно да ги дефинира своите цели.

    „Најпрво верував дека мојата голема страст е механичкото инженерство бидејќи отсекогаш бев исклучително заинтересиран за технологија и иновации. Сепак, со тек на време, открив дека мојата сила и мотивација се бизнисот и особено финансиите. Во училиште постојано бев прв во класот на часовите по бизнис менаџмент, а откако присуствував на полиматематичкиот интензивен камп при Универзитетот за наука и технологија во Хонгконг, каде искусив часови и по инженерство и по финансии, ми стана многу јасно дека мојата страст се финансиите. Многу повеќе бев вклучен во предавањата по финансии и подобро се поврзав со професорите и учениците во тоа поле“, вели Грегор.

    Во иднина, вели дека неговата вистинска цел е да се занимаваа со финансии, особено со области како што се инвестирање во приватни удели во компании или приватни инвестициски фондови.

    „Она што ме привлекува во оваа област е комбинацијата од аналитичко мислење, презентација, стратегија, натпревар, и високо ниво на донесување одлуки. Секако дека секогаш ќе имам почит за технологија и иновации. Сепак, анализата на пазари, бизниси и инвестициски можности, и потоа користењето на тие информации за да се донесат стратешки одлуки е она што сакам да го правам во следните неколку години“, додава тој.

    Покрај академските достигнувања, Грегор е исклучително активен и надвор од училиште: играл кошарка, 12 години хокеј на трева, се занимавал со џудо, 10 години свирел пијано, а три години бил дел од шаховски клуб, каде победил и на државно ниво.

    Кога станува збор за дисциплината и балансирањето на толку различни интереси, вели дека клучот е страста.

    „Мислам дека ниту еден предизвик, вклучително и останувањето дисциплиниран, не е преголем кога имате вистинска страст за она што го правите. Секогаш сум бил многу активен и полн со енергија, така што бавењето со спорт, свирењето пијано, играњето шах, инвестирањето и учењето ми доаѓаат природно. Никогаш не го гледав тоа како да се терам себеси да бидам дисциплиниран или дека треба да балансирам некаков товар, бидејќи искрено уживав во сите тие активности“, вели Грегор и додава дека родителите секогаш му биле од голема помош и негови најголеми поддржувачи, особено во поглед на организацијата на сите активности.

    Грегор Мулдер се занимава со повеќе спортови (Фото: Приватна архива)

    На младите им советува да не се водат од биографија што изгледа добро на хартија.

    „Мојот совет за другите матуранти е да го пронајдат она во што вистински уживаат и за што имаат страст, наместо да го прават она што другите сметаат дека ќе делува импресивно во нивното портфолио или резиме. Кога го сакаш она што го правиш, мотивацијата станува многу полесна, а дисциплината станува предизвик“, вели Грегор.

    Тој наоѓа време и за волонтерска работа со деца во социјален ризик и бездомни лица, каде предавал англиски јазик и математика.

    „Тоа не беше нешто што редовно го правев, повеќе стануваше збор за кратки волонтерски искуства што имаа силно влијание на мене. Бев мотивиран од убедувањето дека образованието може да им всади на децата самодоверба и можности. Работата со децата ми го стопли срцето, но и ме научи колку се важни трпението и вниманието. Сепак, тоа искуство навистина ме потсети дека треба да сум благодарен за можностите што ги имам“, вели тој.

    Иднината, Мулдер ја гледа во Хонгконг, градот каде наскоро ќе се пресели.

    „Мојот план е што повеќе да го искористам времето што ќе го поминам на студии во Хонгконг. Сакам особено да се развијам во областа на финансиите додека истовремено стекнувам поголемо меѓународно искуство, но и да изградам силна мрежа во еден од најважните финансиски центри во светот. За десет години се гледам како живеам во Хонгконг, и како работам во високи финансии, по можност со приватни удели во компании или инвестициски фондови, а можеби дури и со ризичен капитал. Уште поважно, се надевам дека и тогаш ќе бидам во положба да учам повеќе, да преземам поголема одговорност, и да ги користам моите силни страни и фини вештини за да носам умни одлуки на високо ниво“, вели Грегор Мулдер за своите планови.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира