Полицаецот од Шестата управа Р. Р. (39), кој беше член на претходницата на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, без јавност денеска за насилство врз сопругата добил условна казна од година и шест месеци затвор. Веста ја соопшти Кривичниот суд Скопје.
Насилникот признал вина. Тој останува и натаму оддалечен од МВР, веќе нема да работи како службено лице.
Според пресудата, тој не смее во следните 3 години да направи ниту едно кривично дело. Ако направи, автоматски условната казна од година и шест месеци се активира и оди во затвор.
„На денешното рочиште обвинетиот призна вина и судот му определи условна осуда – казна затвор во траење од година и шест месеци ако во наредните три години стори друго кривично дело“, кажа денеска Основниот кривичен суд Скопје.
Р. Р. беше обвинет за кривично дело Телесна повреда. Обвинителството тврдеше дека тој ја нападнал сопругата пред ќерката, ја удирал по лицето и по главата и ја давел.
„Оштетената успеала да се засолни во тоалет, а подоцна, додека со детето се обидувала да го напушти домот, обвинетиот ѝ го одзел и оштетил нејзиниот мобилен телефон. Заедно со ќерката побарале помош кај сосетка, која ги примила во својот дом“, соопшти Обвинителството на почетокот на мај, кога тепаната и давена жена го пријави сопругот-насилник.
По апсењето на членот на неговото обезбедување, премиерот Мицкоски рече дека ова е „мал престап и веднаш системот функционира“, а законот важи подеднакво за сите и тука нема никаква дилема.
„Тоа е втор случај за лице од моето обезбедување каде што законот важи за сите, за разлика од минатото, кога членови на обезбедување на претседател тепаа граѓани, дивееја по дискотеки и минуваа неказнето. Во овој случај гледате мал престап и веднаш системот функционира. Тоа е уште еден доказ дека можеме и во иднина. Недисциплина јас не толерирам, не само во рамките на моето обезбедување, туку, за волја на вистината, тоа е припадник на претходницата која не ја гледам така често. А, за волја на вистината, сопругата е ќерка на мој колега од факултет“, откри тогаш Мицкоски.
С. К. ДЕЛЕВСКА



