Базенот во Спортскиот центар (СЦ) „Борис Трајковски“ во Скопје наесен комплетно ќе се реновира, поради што ќе треба да биде затворен подолг период. Директорот Даниел Апостоловски вели дека во моментов се прави проектот за реконструкција, по што ќе треба да се распише тендер за изведувач. Тоа значи дека летово базенот ќе работи, а градежните работи би почнале најрано во септември.
„На базенот му е потребна целосна реконструкција и затоа ќе мора да биде затворен одреден период. Не би сакал да шпекулирам колку би траело тоа, но секако летово ќе работи. Знам дека има реакции од пливачите и пливачките клубови, но оваа темелна реконструкција е потребна за да се подобрат условите во базенот и да не се случуваат инциденти како лани кога падна летва од таванот“, вели Апостоловски.
Базенот беше реновиран во 2010 кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, а директор на објектот беше Ратко Капушевски. Лани, кога падна летва од таванот, Апостоловски кажа дека тоа се случило бидјеќи реновирањето не било направено како што треба и најави дека ќе следи целосно санација за да се отстранат сите проблеми.
Во базенот сега е поставено црно платно на таванот, по санацијата која траеше 5 месеци.
А. АНТЕВСКА



