Одлични рецензии објавија бугарските медиуми за премиерата на реномираниот македонски режисер Слободан Унковски, кој неодамна ја постави „Скржавецот“ од Молиер во Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија.
Унковски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека изборот на „Скржавецот“ („Скаперникот“ на бугарски) е резултат на желбата на Народниот театар за враќање кон значајните дела на класичниот репертоар и на неговите идеи за нивна нова интерпретација. Темата е многу актуелна, скржавоста е присутна во разни форми и видови во современото општество и е одличен материјал за анализа на човековата природа и однесување. Костимите за претставата се на македонскиот костимограф и дизајнер Александар Ношпал, а сценографијата на Миодраг Табачки од Србија.
„Јас мислев дека е важно во овој истражувачки потфат да развијам паралелна линија и наместо 11 ликови/актери, да имам 22, односно во конечната верзија 30, зашто најчесто во конфликтот на две групи, трета заработува. Праприказната за ‘Скржавецот’ е базирана на фабула каде еден човек закопал една количина пари/злато/богатство и секој ден оди да го откопа и да види дали е таму. Се разбира, на крај, некои внимателни посматрачи го забележале тоа и го ограбиле. И додека очаен ја оплакувал својата загуба, еден минувач, откако разбрал за што се работи, му рекол дека слободно може да закопа еден камен на местото на богатството и секој ден да го посетува, зашто и онака богатството за ништо не му служело и дотогаш. Во нашата претстава, додека две трупи се борат за сцената на Народниот театар, еден тајкун ја купува театарската зграда и ја претвора во Казино Молиер. Така, сите се поразени, а најмногу културата. Претставата говори на еден суптилен начин за смртта на уметноста“, вели режисерот.

„Македонскиот уметник нуди смела и експериментална интерпретација на ова класично дело, прекршена низ јазикот, стравовите и противречностите на нашето време. На сцената тој не претставува една, туку две верзии на Арпагон и на останатите ликови од ‘Скржавецот’ на Молиер – едната му припаѓа на ансамблот што игра во класичен, возвишен стил, а другата на патувачка актерска трупа која ги бара своето признание и своето место во современиот свет“, се вели во една од критиките. (Фото: Народен театар „Иван Вазов“)
Го прашавме кои се скржавците на 21. век според неговата претстава и како ги препознаваме денес, а тој вели дека секој што се обидел да ги убеди олигарсите или политичарите за донации или за подобро финансирање на културата, знае дека оние што имаат, сакаат да имаат уште повеќе и дека мецените се на пат да изумрат, ако не изумреле досега. Не се препознаваат, вели тој, ниту лесно, ниту едноставно скржавците на 21. век, а ги има секаде и многу често нивното однесување станува апсурдно за сфаќањата на обичниот човек, особено на оној кој живее од плата или пензија.
„Имате големи скржавци кои ги штитат своите милиони или милијарди, имате мали скржавци кои живеат на сметка на другиот и никогаш ништо не платиле, имате скржавци кои до последниот здив злоупотребуваат сѐ околу себе и освен своето богатство и самите себеси, ништо друго ниту сакаат, ниту делат, ниту почитуваат. Нашата претстава е за таквите скржавци, но не е само за тоа. Победата на скржавците, сеедно кои, би значела и пораз на слободното мислење и делување, па затоа смисливме ‘квака 22’: скржавците да бидат натскржавенни, а кичот, шундот и ѓубрето да се обидат да го заземат местото на вистинската уметност“, додава тој.
Во неговата поставка се појавуваат две верзии на Арпагон и на ликовите. За тоа дали поделбата на трупата на „класична“ и „патувачка“ е коментар за денешната театарска сцена или за општеството во целина, Унковски ни рече дека Народниот театар „Иван Вазов“, еден од најзначајните театри во поширокиот регион, му се видел како одлично место за истражување, зашто покрај регуларниот репертоар, има значајни резултати во новите форми, во истражување на визуелното, во постмодерната естетика…
„Директорот на театарот, Васил Василев, ме охрабри да го развијам овој необичен, ризичен, ама и храбар концепт, еден ист драмски текст да се игра од две паралелни подели и уште да се појави трета група која ќе го злоупотреби името на Молиер и неговото културно значење, за да ги задоволи своите бизнис интереси, маскирани како грижа за суштината на уметноста, цивилизацијата, земјата и Европа. Оваа претстава во Софија е на некој начин втор дел од две други претстави што ги направив во минатото: едната е ‘Фигаровата свадба и развод’ во Народно позориште во Белград, што е композиција од три театарски дела за Фигаро: ‘Фигаро се разведува‘ од Хорват, ‘Фигаровата женидба‘ од Бомарше и операта ‘Фигаровата свадба‘ на Моцарт, каде имав три ансамбли – драма, комедија и опера и ‘Скржавецот’ на Молиер во Словенско народно гледалиште во Љубљана, но со оригинална подела од 11 ролји. Сето тоа беше значајниот искуство за приод и работа на оваа материја и ми помогна заедно со една екстремно талентирана и храбра група на актери да го изградиме софискиот ‘Скаперник’ и, како што видов, да ја воодушевиме тамошната театарска публика“, ни кажа Унковски.
Критичарката Симона Иванова за „Артпортал“ пишува дека речиси 400 години по создавањето на „Скржавецот“, Унковски го „оживеа“ на сцената на „Иван Вазов“ за да нѐ поттикне да се запрашаме кои се скржавците на 21. век. Како можеме да ги препознаеме? Што трупаат? Кога ја достигнуваат границата на својата заситеност? И најважно од сѐ – постојат ли граници на поседувањето, по кои човек може да престане да биде опседнат со себеси и да почне да ги сака другите?
„Македонскиот уметник нуди смела и експериментална интерпретација на ова класично дело, прекршена низ јазикот, стравовите и противречностите на нашето време. На сцената тој не претставува една, туку две верзии на Арпагон и на останатите ликови од ‘Скржавецот’ на Молиер – едната му припаѓа на ансамблот што игра во класичен, возвишен стил, а другата на патувачка актерска трупа која ги бара своето признание и своето место во современиот свет. Следејќи колку брзо двете групи успеваат да воспостават заеднички ритам и меѓусебна поврзаност, целата сала не може да го задржи својот аплауз. Зад секоја реплика изговорена во оваа претстава јасно се гледаат посветеноста, трудот и дисциплината на секој актер што учествува во неа. Тие не само што постигнуваат импресивна природност и усогласеност на сцената, туку успеваат и на незамислив начин да го издигнат модернизираниот текст на Слободан Унковски и Дијана Колаини, така што тој продолжува да ги ‘скокотка’ нашите сетила долго по завршувањето на претставата“, пишува Иванова.
Критичарката вели дека претставата ја смее публиката, но не предизвикува гласна и неконтролирана смеа. Таа настојува да поучува на јазикот на современоста, за пред нашите очи, како низ лупа, да ја зголеми тажната вистина дека човекот не еволуирал во насока на надминување на своите примарни нагони и стравови.
Во медиумот „Стадото“ се вели дека класичната комедија „Скржавецот“ оживува на сцената на Националниот театар „Иван Вазов“ и докажува дека човечките слабости не познаваат временски граници.
„Новата поставка предизвика огромен интерес и ја исполни салата на премиерата, при што публиката ја поздрави претставата со громогласен аплауз. Во центарот на изведбата се Георги Мамалев и Валентин Ганев, кои настапуваат на невообичаен начин. Според идејата на режисерот Унковски, тие создаваат своевидна ‘разделена слика’ на легендарниот скржавец Арпагон. Така класичниот херој добива нова димензија, а конфликтите и комичните ситуации звучат изненадувачки современо. Претставата нуди и интересна метатеатарска интерпретација. На сцената се среќаваат две театарски трупи – една патувачка, провинциска и една стационарна, градска, кои постојано се расправаат која е поважна и повредна. Додека ликовите се занесени во ситни конфликти и натпреварувања, се појавува кралски пратеник, кого го игра Михаил Петров, кој неочекувано го купува театарот. Пораката е јасна – додека луѓето се расправаат за неважни работи, одлуките често ги носат други“, вели критиката во „Стадото“.
Б. НЕСТОРОСКА





