ПРОФЕСОР ВО КИЧЕВСКО УЧИЛИШТЕ ПРИЈАВЕН ЗА НАСИЛСТВО ВРЗ ДЕТЕ, УЧЕНИЧКАТА СО ПОВРЕДИ ПРЕНЕСЕНА В БОЛНИЦА

    ПРОФЕСОР ВО КИЧЕВСКО УЧИЛИШТЕ ПРИЈАВЕН ЗА НАСИЛСТВО ВРЗ ДЕТЕ, УЧЕНИЧКАТА СО ПОВРЕДИ ПРЕНЕСЕНА В БОЛНИЦАНападот се случил на 21 мај, а откако ученичката била повредена татко ѝ вечерта го пријавил случајот во полиција. (Фото: СДК.МК)

    Секторот за внатрешни работи Охрид, преку ОВР Кичево, поднесе кривична пријава против З. С. (68) од кичевското село Другово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Насилство врз дете, казниво по член 201 од Кривичниот законик.

    Според информациите од полицијата, пријавениот, додека извршувал работни задачи како професор во средно училиште во Кичево, во училница физички нападнал малолетна ученичка која посетувала настава во истото училиште. Во инцидентот ученичката добила телесни повреди, кои биле констатирани од медицински лица во Општата болница во Кичево.

    Нападот се случил на 21 мај, а откако ученичката била повредена татко ѝ вечерта го пријавил случајот во полиција.

    По преземените мерки и активности за расчистување на случајот и по обезбедувањето на потребните докази, против професорот е поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство. Надлежните институции ќе ја водат понатамошната постапка за утврдување на сите околности поврзани со настанот и евентуалната кривична одговорност на пријавениот.

    За кривичното дело Насилство врз дете, за кое е пријавен професорот, Кривичниот законик предвидува парична казна или затвор од шест месеци до три години.

    Иако не постои официјална статистика за бројот на физички напади од наставници врз ученици, експертите предупредуваат дека насилството во училиштата останува сериозен општествен проблем. Истражувањата покажува дека секој десетти ученик редовно се соочува со малтретирање во училиштето, додека секој шести бил жртва на сајбер-насилство.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира