Советот на Општина Тетово донесе одлука за субвенционирање на сите деца кои ќе се запишат во прво одделение во основните училишта во Тетово во учебната 2026/27. Одлуката беше едногласно усвоена на последната седница на Советот на Општината. За оваа намена ќе бидат издвоени околу шест милиони денари (97.000 евра) од општинската каса.
„Новите основци ќе добијат ваучер од 100 евра во денарска противвредност. Субвенцијата важи за учениците кои ќе се запишат до 20 јуни, додека ваучерите ќе бидат дистрибуирани на почетокот на јули. Нашата цел е да им помогнеме на семејствата во покривањето на трошоците за почетокот на учебната година, но и да поттикнеме запишување на децата во нашите образовни институции“, изјави градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами.
Во Општина Тетово изминативе години се запишувале меѓу 900 и 1.000 првачиња, а и годинава се очекува оваа бројка.
З. АНДОНОВ



