Од денеска почна да функционира новата авиолинија од Охрид до полскиот град Вроцлав на авиокомпанијата „Визер“. Од вторник, од охридскиот аеродром ќе се лета и до Катовице. Овие авиолинии се субвенционирани од Владата.
До Вроцлав и обратно ќе се лета двапати неделно, во среда и недела, а до Катовице во вторник и сабота.
„Овие две нови линии ќе значат многу повеќе патници, многу повеќе туристи кои ќе доаѓаат во Македонија, многу повеќе луѓе кои ќе доаѓаат да прават бизнис во Македонија и дополнителна отвореност кон светот. Утрово слета првиот лет од Вроцлав, целосно нова дестинација што никогаш претходно не оперирала во Македонија, а на 9 јуни ќе слета и првиот лет од Катовице, исто така од Полска. Охридскиот аеродром целосно се отвора кон Полска, отвораме две значајни рути кои значат дека полските туристи ќе можат да го посетуваат Охридскиот Регион, да ги посетуваат Охрид, Струга, Дебарца, локалните економии и туризмот да растат, но овие летови не се само туристички, не се само сезонски, тие треба да донесат дополнителна вредност на целиот овој регион. Ако на тоа се додаде дека веќе од оваа недела повторно почнуваат да летаат дестинациите Белград-Охрид и Истанбул-Охрид, тогаш приказната се заокружува”, кажа заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт и врски Александар Николоски.
Николоски заедно со директорот на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, денеска извршија увид на градежните работи на аеродромот „Св. Апостол Павле“. Како што кажа Николоски, за два месеца Охрид ќе има целосно нов и модерен аеродром, со што ќе се овозможи зголемување на капацитетот на патници и бројот на нови авиолинии.
„Просторот за заминувања се проширува за 100 квадратни метри и моментално се завршени 85%. Новите шалтери за пријавување се веќе инсталирани и се целосно функционални. Новиот систем за ракување со багаж е исто така инсталиран, а дел од системот веќе е во функција. Новите канцеларии за нашиот оперативен персонал во безбедносно-контролираната зона, лоцирани овде зад нас со површина од 270 квадратни метри, се во напредна фаза на изградба, со завршеност од 62%. Проширувањето на административната зграда, кое го видовте на почетокот од денешната обиколка, е речиси завршено – моментално со 95%. Зградата ќе се прошири од 290 квадратни метри на 746 квадратни метри“, рече Курт.



