Албанија ќе продолжи со планот за изградба на луксузно одморалиште планирано од зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, покрај постојаните протести поради неговото влијание врз животната средина, изјави денеска премиерот Еди Рама. Кушнер ќе гради луксузни туристички комплекси на две клучни локации на албанскиот брег: на островот Сазан и на полуостровот Зврнец во близина на Валона. Овие локации се наоѓаат на спојот каде што Јадранското Море преминува во Јонското Море.
Илјадници луѓе излегоа на улиците на главниот град Тирана и на јужниот брег каде што е предложено одморалиштето, барајќи проектот да биде откажан поради влијанието врз заштитеното мочуриште каде што се гнездат фламинго, фоки и морски желки. Фламингото се појави како симбол на движењето: демонстрантите креваат надувани розови птици и знаци на кои пишува „Фламинго револуција“.
Рама е рамнодушен на протестите, и вели дека инвеститорите ќе ги „зачудат“ очевидците со своите планови во наредните месеци и оти делови од одморалиштето би можеле да бидат отворени за јавноста пред крајот на деценијата.
„Ви велам, тоа ќе биде прекрасен проект и ние ќе го направиме тоа и ќе бидеме горди што ќе придонесеме за Европа“, рече Рама во интервјуто за Ројтерс во неговата канцеларија, на неколку метри од местото каде што се одржуваа ноќните демонстрации против проектот. „Јас бев избран за да ги остварам овие работи. Не сум избран да ме водат луѓе кои имаат поинаква идеја за тоа како да се развие земјата.“
Проектот на одморалиштето што тој го застапува е идеја на Кушнер и неговата сопруга, Иванка Трамп, кои опишаа како се заљубиле во Албанија пред неколку години додека биле во посета со брод. Рама се сретнал со нив на тоа патување и открил дека се „многу фини, скромни… човечки добри луѓе“. Сега, инвестициската фирма на Кушнер, „Афинити партнерс“, е вклучена во проектот од 1,4 милијарди евра во близина на заштитеното подрачје Вјоса-Нарта, и во уште еден на блискиот остров Сазан. Заедно, проектите вредат до 5 милијарди евра, рече Рама.
„Тоа е голем сон, а големите соништа отсекогаш се соочувале со контроверзии“, рече тој.
„Афинити партнерс“ и Кушнер не одговорија на барањата за коментар. „Сазан риел естејт дивелопмент“, која ги развива проектите за градба, изјави за Ројтерс дека гради одговорно.



