ДРЖАВНИОТ АРХИВ ОБЈАВИ КНИГА СО ОСМАНЛИСКИ ПОПИС ОД 1838-39 НА МАШКИ ХРИСТИЈАНИ КОИ БИЛЕ ДАНОЧНИ ОБВРЗНИЦИ ВО ТЕТОВСКО

    ДРЖАВНИОТ АРХИВ ОБЈАВИ КНИГА СО ОСМАНЛИСКИ ПОПИС ОД 1838-39 НА МАШКИ ХРИСТИЈАНИ КОИ БИЛЕ ДАНОЧНИ ОБВРЗНИЦИ ВО ТЕТОВСКОВо Музејот на тетовскиот крај каде се одржа промоцијата, поставена е и изложба од Државниот архив „Документи и фотографии за Македонија од времето на османлискиот период“. (Фото: СДК.МК)

    Државниот архив, одбележувајќи го 9 Јуни, Меѓународниот ден на архивите, во Тетово одржа промоција на најновото издание „Османлиски документи за историјата на Македонија – Попис на христијанското население од Скопскиот санџак, Тетовска каза 1838/39 година“ (Том II, книга 3), во превод и редакција на доц. д-р Аднан Шериф.

    Делото е превод од османлиско-турски на македонски јазик на архивски документи од спроведен попис од  тогашната османлиска власт во периодот 1838-39 година, со кој се попишани машките христијански лица кои живееле во Тетовско-Гостиварскиот Регион кои биле даночни обврзници кон османлиската власт.

    „Се работи за попис на христијанско население кое го опфаќаа просторот на двата града, Тетово и Гостивар и околината со околу 100 села. Книгата ја прикажува историјата на нашето население од тоа време. Можеме слободно да речеме дека овие се и првите чекори направени од самите османлиски власти кои се сметаат и за модерни пописи. Денешното население врз основа на овие изданија ќе можат да ги најдат и нивните предци коишто живееле тука, а тоа истовремено претставува врзување на денешното население со претходното население и претставува едно големо дело“, изјави доц. д-р Аднан Шериф, автор на публикацијата кој повеќе од 25 години ги проучува архивскиите материјали од турските и домашните архиви на оваа тема.

    За време на османлиското владеење и пред овој период се правеле пописи на населението, но овој попис од 1838-39 година се смета за прв модерен попис спроведен од османлиската власт. Тој е карактеристичен по тоа што населението кое се попишува не се дели по националност туку по верска припадност, па одделно се заведени муслиманите, христијаните и евреите.

    „Ова се правело од практични причини затоа што христијаните и евреите биле обврзани со плаќање на данок со кој биле ослободени од служење воен рок, додека муслиманите освен, вообичаените даноци кои ги плаќале кон државите биле и обврзани со воен рок“, кажа доц. д-р Армен Жарноски, рецензент на публикацијата.

    Оваа публикација претставува квалитетен архивски материјал за луѓето кои сакаат да истражуваат за своите предци но, исто така претставува и извонреден историски материјал преку кој може да се осознае за структурата на населението кое живеело во тој период, за неговата старосна возраст, за бројноста на семејствата иако во пописот биле попишувани само машките лица од семејството постари од 13 години бидејќи тие се сметале за даночни обврзници.

    „Книгата е многу корисна за сите оние кои сакаат да ги истражуваат своите предци на овој терен, потоа интересно за истражување на миграциите, демографијата, како и за оние кои се занимаваат со акронимите, за топонимијата. Исто така, тука читателот ќе открие дека во пописот се наведени и некои села кои денес воопшто ги нема. Исто така тогаш имало многу села со христијанско население, а денес во нив не живее ниту еден македонски христијанин. Многу се интересни податоците и за старосната возраст на населението. Да речеме, од 500 жители само пет-шест се над 60 годишна возраст. Податоци од податоците од пописот укажуваат дека тогаш се попишувале само машките имиња, односно машките членови на семејствата но, не и женските. Значи овој попис, а со тоа и оваа публикација даваат еден интересен податок за демографските состојби, морталитет, наталитетот на христијанското население во Тетовско и гостиварско во првата половина на 19 век“, рече историчарот д-р Бранислав Светозаревиќ.

    Во Музејот на тетовскиот крај каде се одржа промоцијата, поставена е и изложба од Државниот архив „Документи и фотографии за Македонија од времето на османлискиот период“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира