Тимот од 15 обвинители кои го застапуваат големиот судски процес за катастрофалниот пожар во незаконската дискотека „Пулс” на 16 март 2025, со презентацијата на докази стигна до обвинетите членови на обезбедувањето од агенцијата „Рубикон“, како и до нејзиниот директор и до сопственикот Александар Нацев, кој тврди дека не е сопственик.
Во катастрофата предизвикана поради неисполнувањето на обврските, меѓу другите и на членовите на обезбедувањето, загинаа 63 млади лица меѓу кои малолетници и деца, а над 230 беа тешко повредени.
Денеска беше презентиран доказ за присуство на психотропни супстанции во крвта и урината на обвинетиот Александар Нацев од 27 јуни 2025, три месеци по настанот. Доказот е обезбеден за време на истражната постапка против него и прикачен е во обвинението, кажа обвинителката.
Но, адвокатот на Александар Нацев рече дека примероци земени три месеци по пожарот се ирелевантни за настанот и за постапката и се упад во приватноста на клиентот.
„Тој доказ го има секој од адвокатите на останатите 34 обвинети и може да се случи медиумски линч кон Нацев”, кажа неговиот адвокат.
Потоа се продолжи со изнесување докази за поврзаноста на „Рубикон“ и вработените со пожарот и големиот број жртви и повредени. Доказите беа за деловното работење, околности околу обезбедувањето на објектот, план за обезбедување, натаму за непреземените дејствија од агенцијата што ја обезбедувала преполнетата импровизирана дискотека и друго.
Најпрво беше покажан извод од Централен регистер во кој обвинетиот Јане Јанчески се јавува како основач и управител, со 4 подружници: Скопје, Кичево, Струмица и Свети Николе. Натаму, се презентираше документ дека обвинетите Лазар Захариев, Мартин Георгиев, Стојанчо Димитриев и Јане Јанчески се вработени во „Рибикон“.
Следуваа лиценци за физичко обезбедување. Обвинетиот Ивица Грозданов немал лиценца за обезбедување.
Утредента биле испитани од полиција, немале присуство на алкохол во крвта. Но, во урината е утврдено присуство на дрога кај Георгиев и Грозданов.
На 22 март е извршен претрес во подружницата на „Рубикон“ во Скопје. Одземена е документацијата потребна за истрагата, а подоцна и за покренување обвинение.
Натаму, беше приложен доказ сертификат за учество на тема примена на полиграф, од приватниот Европски универзитет од Скопје и сертификат за општествена одговорност, со кои како што рече обвинителката, „Рубикон“ се претставивала како сериозна и одговорна Агенција за обезбедување. Еден сертификат на Јане Јанчески за полиграфот и два бланко, издадени од Европскиот универзитет каде што предавал обвинетиот Александар Нацев.
Плановите на „Рубикон“ за обезбедување на објекти се доставувале до МВР и на нив стои дека најстрого се забранува пуштање гости со неправилна продажба на влезници, пиротехника и ласери без дозвола, оружје, обврска дека мора да има заштитни огради, да има конкретни задачи за вработените, да организираат превентивни и заштитни безбедносни мерки, како и други обврски и забрани, или сè она што не беше спроведено во дискотеката „Пулс” што ја обезбедуваше „Рубикон“.
„На едниот од плановите за обезбедување наведен е обвинетиот Александар Нацев, со оставен негов телефонски број. На останатите како директор е потпишан Јане Јанчески”, покажа и коментираше една од обвинителките.
Потоа беше презентиран договор, што обвинителката го нарече договор за изигрување на институциите, меѓу ММММ ДООЕЛ Кочани и „Рубикон“, на кој се гледа дека потписот под „Рубикон” не е на директорот Јане Јанчески.
Потоа следуваа докази – лиценци за обезбедување на Александар Нацев, одземено оружје и други предмети.
Се појави и Известување до Нацев за прекин на користење службено возило, а неговиот адвокат искоментира дека дотука нема докази дека неговиот клиент има врска со сопственоста на „Рубикон“ и оти се надева дека во продолжение обвинителите ќе презентираат посилни докази за тоа.
Изведувањето материјални докази продолжува во судницата во Идризово, под водство на судијката Диана Груевска-Илиевска.
С. К. ДЕЛЕВСКА



