10 ГОДИНИ НЕМАМЕ МИР ОД МУЗИКАТА ВО КАФУЛИЊАТА, ЌЕ БЛОКИРАМЕ УЛИЦИ АКО НЕ СЕ РЕШИ ПРОБЛЕМОТ, РЕКОА НА ПРОТЕСТОТ ЖИТЕЛИТЕ НА КАПИШТЕЦ

    10 ГОДИНИ НЕМАМЕ МИР ОД МУЗИКАТА ВО КАФУЛИЊАТА, ЌЕ БЛОКИРАМЕ УЛИЦИ АКО НЕ СЕ РЕШИ ПРОБЛЕМОТ, РЕКОА НА ПРОТЕСТОТ ЖИТЕЛИТЕ НА КАПИШТЕЦНа протестот кај кошаркарското игралиште во паркот во Капиштец дојдоа и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и претходниот градоначалник Саша Богдановиќ. (Фото: СДК.МК)

    Ако и протестот не вроди со плод, ќе блокираме улици, рекоа жителите на скопската населбата Капиштец кои вечервa протестираа против бучавата од кафулето „Интермецо“. Организатори на протестот се граѓанската иницијатива „За пристоен Капиштец“, а на протестот кај кошаркарското игралиште во паркот во Капиштец дојдоа и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и претходниот градоначалник Саша Богдановиќ.

    „Oвде сме собрани соседи, поради тормозењето, поради малтретирањето во последните десет и повеќе години. Од најурбана, од најмирна населба, Капиштец се претвори во една модерна џунгла. Навечер ечат музики, техно забави се организираат под нашите прозорци, турбофолк концерти се организираат под нашите спални. Во два часот по полноќ пијани групи цело време кршат, урлаат, викаат. Немаме мир. Ова трае повеќе од десет години. Не знам колку пати се имаме јавено во полиција, колку пати имаме пријавувано во Општина Центар, во Град Скопје, во полиција. Ефектот го гледате. Сè уште техно журки, сè уште турбофолк забави. Ова е населба за живеење, не е ова стадион за концерти.Треба да разберат еднаш. Немаме ништо против угостителите, и ние сме нивни гости, меѓутоа, од нашите спални, на 20 метри од нашите домови – не е место“, рече Горан Гацовски жител на Капиштец.

    Граѓаните беа револтирани и го повикаа Герасимовски да се обрати и да каже што е преземено за овој проблем. Тој рече дека и самиот е жител на Капиштец и оти го видел повикот на жителите за проблемот и затоа дошол.

    „Јас бев иницијатор да се потпише петиција којашто беше доставена до сите институции коишто се релевантни, за да ни помогнат и нам како Општина за да се преземат мерки и за конечно да се реши овој голем проблем со којшто се соочуваат жителите од Капиштец. Ние како Општина имаме пишано голем број на казни, и тоа највисоки, по 800.000 денари. Ќе продолжиме да пишуваме казни за во нашиот дел да направиме што поголем ред. Дополнително ставивме и мерачи за гласна музика. Со жителите имавме многу состаноци, на коишто на сите бев присутен, но за жал, останатите институции не целосно се вклучуваат во решавање на проблемот” кажа Герасимовски.

    На новинарско прашање за тоа каде почнуваат и завршуваат неговите ингеренции, тој рече дека тие даваат одобрение за елаборат за животна средина и дополнително мерат гласна музика кога има одредена пријава.

    Не им даде конкретен одговор на граѓаните кога јавно ќе бидат објавени тие мерачи.

    „Мерачите сега ќе се адаптираат на ГИС-порталот и истите ќе може да имаат увид сите оние коишто ќе се регистрираат на ГИС-порталот, набрзо, мислам дека за 2-3 недели”, рече Герасимовски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира