„ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“ КОМУНИЦИРА СО СИТЕ ГЕНЕРАЦИИ ПУБЛИКА, РЕЧЕ УМЕТНИЧКАТА ДИРЕКТОРКА СТОЈАНОСКА НА ЗАТВОРАЊЕТО НА 60. ИЗДАНИЕ

    „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“ КОМУНИЦИРА СО СИТЕ ГЕНЕРАЦИИ ПУБЛИКА, РЕЧЕ УМЕТНИЧКАТА ДИРЕКТОРКА СТОЈАНОСКА НА ЗАТВОРАЊЕТО НА 60. ИЗДАНИЕУметничката директорка Стојаноска со лауреатите на синоќешното затворање. (Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“)

    Со свеченото доделување на наградите и изведбата на претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски во режија на Оливер Фрљиќ и продукција на Београдско драмско позориште, синоќа заврши јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

    Во полната сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“, уметничката директорка Ана Стојаноска се осврна на четиригодишниот период во кој го предводеше фестивалот, потсетувајќи дека нејзината програмска определба била насловена „Враќање дома“.

    „Решив таа моја програма да ја наречам ‘Враќање дома’, поврзувајќи ја со моето фактичко враќање дома, со Чернодрински и со драмата ‘Чернодрински се враќа дома’ на Горан Стефановски. Сакав да создадам современ и храбар фестивал кој ќе комуницира со сите генерации гледачи. Четири години подоцна, фестивалот стана место каде што во јуни живеат театарот, уметниците и публиката“, рече Стојаноска.

    Стојаноска говореше и за личната загуба што ја доживеала за време на подготовките на годинашното издание.

    „Поминав многу тежок период додека го создавав ова издание на фестивалот. Ја изгубив мајка ми, жената која секогаш беше мој најголем поддржувач и критичар. Ѝ ветив дека по ова издание ќе ѝ се посветам на мојата уметност, затоа што таа и мојот татко веруваа дека сум родена да бидам раскажувачка на приказни“, рече Стојаноска И им се заблагодари и на гледачите „за довербата, за барањето место повеќе и за аплаузите што ја говореа вистината“.

    Својот четиригодишен мандат Стојаноска го заокружи со цитат од режисерот Игор Вук Торбица: „Јас сум во мир со моите избори, така што мирно спијам со волкот во мене“.

    Претставата „Страв и надеж“ на Македонскиот народен театар (МНТ) во режија на Татјана Мандиќ-Ригонат победи на 60. издание на „Војдан Чернодрински“ . Одлуката ја донесе жирито во состав Снежана Коневски-Руси (претседателка) и членовите Дарко Лукиќ и Аида Буквиќ.

    Наградата за најдобра режија ја доби Дејан Пројковски за претставата „Црнила“ на Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“. Од вкупно 15 фестивалски признанија, четири не беа доделени и тоа за рекламен материјал, кореографија и сценски движења, современа сценска драматизација и адаптација, како и за современ драмски текст.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира