ФОТОИЗЛОЖБА ЗА ПРИЛЕПЧАНЕЦОТ АЛИ ФЕТИ-ОКЈАР ВИКАН „МАКЕДОНЕЦОТ“, ДЕСНАТА РАКА НА АТАТУРК ВО ГРАДЕЊЕТО НА МОДЕРНА ТУРЦИЈА, ОТВОРЕНА ВО РЕСЕН

    ФОТОИЗЛОЖБА ЗА ПРИЛЕПЧАНЕЦОТ АЛИ ФЕТИ-ОКЈАР ВИКАН „МАКЕДОНЕЦОТ“, ДЕСНАТА РАКА НА АТАТУРК ВО ГРАДЕЊЕТО НА МОДЕРНА ТУРЦИЈА, ОТВОРЕНА ВО РЕСЕНОкјар се образувал во Прилеп, а потоа заедно со Ататурк учеле во Воената гимназија во Битола, каде и започнало формирањето на интелектуалното братство, нивните личности и мисијата што ќе им ја наложи историјата во создавањето на Република Турција; - Ататурк и Окјар (десно). (Фото: Архивска фотографија)

    Во Домот на кулурата во Ресен, поранешен Сарај на Нијази-бег, поставена е изложба фотографии од Али Фети-Окјар (1881-1943) кој во два наврата бил премиер на Турција, претседател на турскиот парламент, министер за внатрешни работи и за правда, турски амбасадор во Франција, Велика Британија и балканските држави, пратеник во Парламентот во пет мандати. Тој бил роден во Прилеп, а го нарекувале Македонецот, што говори за неговата љубов кон родната Македонија.

    Изложбата насловена „Али Фети-Окјар – истомисленик и соработник на Ататурк“ е во организација на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј-Прилеп. Изложбата се состои од 100 фотографии пропратени со текст на македонски и турски јазик, а автор е Рубинчо Белчески, историчар и кустос-советник.

    Окјар (лево) и Ататурк. Тие целиот свој живот се надополнувале. Не случајно, во 1923 кога претседател на Турција станува Ататурк, на неговото место претседател на турското Собрание доаѓа Окјар, а потоа во 1924-1925 и премиер на Република Турција. (Фото: Архивска фотографија)

    „Како помлад историчар, во минатото, имав слушнато дека во Прилеп е роден човек со турско национално потекло, кој извршувал високи политички и други функции во Османска и Република Турција. Желбата за истражување ме натера да прочепкам по неговиот животен пат. По сплет на околности, одредени насоки и информации ми даде академик Луан Старова, роднина на Али Фети-Окјар, кој беше воодушевен од моите намери или како што ми рече: ‘Ти благодарам што го врати Али Фети-Окјар во Македонија, кој многу ја сакаше и често зборувал за неа’. Всушност, самиот факт што него го нарекувале Македонецот зборува за неговата љубов кон родната Македонија“, вели Белчески.

    Окјар се образовал во родниот град, а потоа заедно со Ататурк учеле во Воената гимназија во Битола, каде и започнало формирањето на интелектуалното братство, нивните личности и мисијата што ќе им ја наложи историјата во создавањето на Република Турција. Ататурк него го нарекол Окјар, што во превод значи „стреловита мисла“, но велел уште и дека е „умствен пријател“, „духовен собрат“ и „сомислител“.

    Ататурк и Окјар. (Фото: Архивска фотографија)

    „Тие целиот свој живот се надополнувале. Не случајно, во 1923 кога претседател на Турција станува Ататурк, на неговото место претседател на турското Собрание доаѓа Окјар, а потоа во 1924-1925 и премиер на Република Турција. Големата доверба на Ататурк кон Али Фети-Окјар ја гледаме и од фактот што во периодот од 1925-1930 година е назначен за амбасадор на Турција во Франција, каде го следи политичкиот и општествениот живот и во голема мерка му помогнал на Ататурк да ги оствари политичките, економските, културни и социјални реформи најмногу по примерот на Република Франција“, додава Белчески.

    Дел од материјалите за изложбата ги доставил внукот кој го носи истото име како дедото.

    „По однос на неговата куќа во Прилеп, немаме точни сознанија каде била, а со оглед на фактот што неговото потекло е од Житоше, денес општина Долнени, во 2023 година, заедно со неговиот истоимен внук од син, Али Фети-Окјар, универзитетски професор од Истанбул, ја посетивме куќата на нивната фамилија во Житоше, која е во руинирана состојба. Од таа средба, па во нареден период соработката ја зголемивме. Имено, младиот Али Фети-Окјар во електронска форма ни достави поголем број фотографии, кои ги обработивме, ги сместивме во просторот и времето и заедно со текстот, хронологија на настани и други содржини, ја создадовме изложбата“, вели историчарот.

    Од отворањето на изложбата во Ресен. (Фото: СДК.МК)

    Изложбата има силна порака за развивање на меѓуинституционалната и меѓунационалната соработката во Македонија, но и соработка со Турција.

    „Се надевам дека идејата за подигање на спомен-соба, односно, постојана музејска поставка на Али Фети-Окјар во Прилеп, налик на онаа на Мустафа Кемал-Ататурк во Битола, ќе овозможи да го исполниме аманетот на Али Фети-Окјар ‘да се врати’ во татковината. Всушност, Македонија е татковината на двајцата другари, истомисленици, соработници, визионери и создавачи на Република Турција, а нивните дела нека бидат постојан мост на поврзување и повод за уште поголема соработка меѓу граѓаните на двете братски држави’, вели Белчески.

    Изложбата финансиски беше поддржана од Министерството за култура како дел од Програмата за остварување на национален интерес во културата во 2023, кога се одбележуваа 80 години од смртта на Али Фети-Окјар, 85 години од смртта на Мустафа Кемал- Ататурк и 100 години од прогласувањето на Република Турција во 1923 година, за која двајцата истомисленици и соработници имаат исклучително голема улога. Досега беше поставена во Прилеп, Скопје, Крушево и Богданци, како и во Македонскиот центар за култура во Истанбул, Република Турција.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира