ЕСМ ПОТПИША ГРАНТ СО СВЕТСКАТА БАНКА ЗА ПОДГОТВИТЕЛНИ АКТИВНОСТИ ЗА ИЗГРАДБА НА КОГЕНЕРАТИВНА ЦЕНТРАЛА РЕК „БИТОЛА 1“

    ЕСМ ПОТПИША ГРАНТ СО СВЕТСКАТА БАНКА ЗА ПОДГОТВИТЕЛНИ АКТИВНОСТИ ЗА ИЗГРАДБА НА КОГЕНЕРАТИВНА ЦЕНТРАЛА РЕК „БИТОЛА 1“Овие средства се наменети за имплементација на подготвителните активности за идната когенеративна централа „РЕК Битола 1“ и проширување на топловодната мрежа на Битола. (Фото: СДК.МК)

    Генералниот директор на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Лазо Узунчев, и менаџерот на Светската банка за Косово и Македонија, Карол Межеван, потпишаа договор за грант од 2,4 милиони долари за реализација на подготвителни активности за когенеративната централа „РЕК Битола 1“. Од ЕСМ соопштија дека договорот е чекор напред во реализацијата на една од најважните инвестиции во процесот на енергетска транзиција и модернизација на домашниот енергетски сектор.

    „Овие средства се наменети за имплементација на подготвителните активности за идната когенеративна централа „РЕК Битола 1“ и проширување на топловодната мрежа на Битола. Овој чекор во претстојните години ќе донесе забрзана декарбонизација и ефикасно зголемување на домашното производство со оптимизирани трошоци. Преку грантот ќе ги спроведеме постапките за избор на еминентни консултанти и изработувачи на детални студии. Овој процес ја вклучува и изработката на клучната физибилити-студија, која ќе биде основа за распишување меѓународен тендер за избор на најповолен понудувач за дизајн и изведба на електраната, согласно со најдобрите меѓународни стандарди“, изјави Узунчев.

    Планираната инвестиција, вредна повеќе од 200 милиони евра, ќе се реализира во непосредна близина на постојниот производствен комплекс на РЕК „Битола“. Новата когенеративна централа ќе овозможи истовремено производство на електрична и топлинска енергија, со значително намалување на штетните емисии и усогласување со современите домашни и европски еколошки стандарди.

    Покрај придонесот кон националните цели за декарбонизација, проектот ќе обезбеди и економски попристапно снабдување со топлинска енергија за граѓаните на Битола и околината, што ќе има директно позитивно влијание врз квалитетот на животната средина во Пелагонискиот Регион.

    „Овој проект го одразува поширокиот пат на земјата кон поблиско усогласување со европските енергетски и климатски цели. Унапредувањето на почисти енергетски решенија, модернизацијата на инфраструктурата и намалувањето на емисиите се важни чекори кон создавање енергетски сектор подготвен за иднината“, изјави Межеван.

    Според министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, нема компромис со енергетската сигурност на земјата.

    „Нашата визија е јасна – Македонија да стане земја која произведува повеќе домашна енергија и постепено го намалува јаглеродниот отпечаток. Колку повеќе обновливи извори на енергија интегрираме во системот, толку повеќе ни се потребни стабилни и флексибилни базни капацитети кои ќе обезбедат сигурност во снабдувањето. Нашата цел е да изградиме модерен енергетски систем што ќе ги следи европските политики, а истовремено ќе гарантира сигурна и достапна енергија за граѓаните и стопанството“, рече Божиновска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира