Скопско Дебар Маало не е затворено за коли, иако тоа го најавија во јуни лани од Општина Центар. И понатаму низ Дебар Маало навечер владее хаос, пешаците немаат каде да се движат оти тротоарите се узурпирани од летни тераси на кафеаните, а улиците од паркирани коли.
Секоја вечер особено во летниот период се создава метеж, бидејќи нема место за паркинг и џабе со колите се вртат кругови низ улиците па сообраќајот е целосно закрчен.
Од Општина Центар, сега кусо ни одговорија дека чекаат одобрување на сообраќајното решение од Министерството за внатрешни работи (МВР) и додека не го добијат не можат да почнат со реализација.
Сообраќајното решение предвидува Дебар Маало да се затвора за коли од петок во 18 часот до понеделник во 6 часот. Во првата фаза треба да се постават рампи на четири влезови во Дебар Маало, и тоа на улиците Орце Николов, Ленинова и 29 Ноември и на булеварот Климент Охридски.
Ќе биде дозволен влез само за жителите во овој дел од општината со посебни картички, а граѓаните ќе можат да влезат, но нема да смеат да се задржат повеќе од 15 минути. На влез ќе земат картичка и во рок од 15 минути ќе мора да заминат од оваа зона без возила. Ако не излезат за 15 минути, тогаш ќе мора да платат, а цената ќе биде висока, се планира да биде од 3.000 до 6.000 денари.
А. АНТЕВСКА



