Претседателите на САД и Иран, Доналд Трамп и Масуд Пезешкијан, го потпишаа првичниот договор за завршување на војната, кој веднаш стапува во сила. Тој предвидува повторно отворање на Ормускиот Теснец, создавање фонд за обнова на Иран од 300 милијарди долари и укинуваање на сите американски санкции за Иран.
Сепак, за иранската нуклеарна програма, главната причина за почетокот на нападите, ќе се преговара во следниот 60-дневен период.
Трамп потпишал печатена верзија на договорот во Франција за време на вечера со Емануел Макрон во Версај, додека иранските медиуми известија дека и Пезешкијан го ставил својот потпис вчера. Американскиот претседател го бранеше договорот, но предупреди дека САД повторно би можеле да го бомбардираат Иран ако не се склучи конечен договор.
Спикерот на иранскиот парламент и главен преговарач Мохамад Багер Калибаф изјави дека недовербата во САД останува и дека прстите на Иранците остануваат на чкрапалото.
„Ако непријателот не го разбира јазикот на логиката, ќе влеземе повторно со јазикот на силата“, рече Калибаф.
Трамп им рече на новинарите во Франција дека планот ќе спречи светска депресија.
„Не сакав да видам економска катастрофа. Доколку продолжеше ова, тоа можеше да се случи. Секој пат кога зборувавме за можноста за мир, берзата се качуваше како ракета. Секој пат кога ќе кажевме нешто негативно, таа паѓаше многу силно“, рече Трамп.
Во меморандумот за разбирање се вели дека САД и Иран ќе се обврзат на преговори и постигнување на конечниот договор за максимум 60 дена, со можност за продолжување со заемна согласност.
„Иран потврдува дека нема да купува или развива нуклеарно оружје, а збогатениот ураниум на Иран ќе биде разреден на самото место под покровителство на Меѓународната агенција за атомска енергија“, се вели во договорот.
Што се однесува до Ормускиот Теснец, нема да има никакви такси за бродовите во текот на 60 дена, но меморандумот ја остава можноста за идни такси, што не постоеја претходно.
Првата точка од договорот прогласува итно и трајно прекинување на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан. Но, Израел изјави дека не планира да ги повлече своите трупи од Либан и вчера изведе нови напади врз Хезболах.
„Нетанјаху е добар човек, но му треба малку помек допир. Не мора да уривате зграда секој пат кога некој од Хезболах ќе влезе во неа“, рече Трамп.



